Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска го прими во прва официјална посета новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република во Република Северна Македонија, Андерс Силвестри.
Џафери, како што соопшти собраниската прес-служба, посакувајќи му добредојде на амбасадорот Силвестри, ја потенцирал како исклучителна досегашната соработка со претходниот амбасадор и со италијанската Амбасада, за што искажал надеж дека истата ќе продолжи со уште поголема динамика.
Претседателот на Собранието ги реафирмирал придобивките од одличните и пријателски билатерални односи меѓу двете држави, кои особено дојдоа до израз во несебичната италијанска поддршка на нашите евроатлански интеграции, зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО, поддршката од премиерот Конте на процесот на проширување на Европската унија со земјите од Западен Балкан, а особено со Република Северна Македонија.
На средбата, Џафери истакнал дека заемната поддршка е видлива и високо ценета и на мултилатерален план, во меѓународните организации и иницијативи, како и на планот на потесна меѓупарламентарна соработка на ниво на Пратеничките групи за соработка, која на обостран интерес, ќе продолжи веднаш штом тоа го дозволат здравствените услови поврзани со КОВИД-19 пандемијата.
Џафери ја оценил како исклучителна соработката во рамките на НАТО преку мисиите во Либан, Косово и SEEBRIG, како и во рамките на ПС на НАТО преку нашите постојани делегации и воедно изразил надеж во натамошна соработка на планот на европската интеграција на Република Северна Македонија, особено во пресрет на декемврискиот Самит на Унијата.
Претседателот на Собранието го информирал амбасадорот за актуелните активности во законодавниот дом, како и за неговата инцијатива за разгледувањето на можностите за работа на Собранието на далечина на дел од пратениците кои од здравствени причини не се во можност да обезбедат физичко присуство на седниците.
Амбасадорот Силвестри истакнал дека односите меѓу Италија и Република Северна Македонија не само што децениски и историски се секогаш силни и пријателски, туку се односи кои рефлектираат заеднички историски, географски и културни идентитети.
Воедно ја посочил натамошната поддршка на европскиот пат на земјата, за која и власта и опозицијата во Италија имаат консензус дека вистинското и заслужено место на Република Северна Македонија е во семејството на европските народи и држави. Укажал дека особено високо се цени плодната соработка на планот на одбраната и во заедничките мисии на НАТО, соработка која и понатаму ќе се збогатува и одржува.
И амбасадорот, како што е наведено во соопштението, се согласил за значењето на меѓупарламентарната соработка и го пренел интересот на италијанскиот Парламент за продолжување на започнатите активности меѓу Групите за соработка на двата парламента и за иницирање на поблиска соработка меѓу Комисиите за надворешна политика.
Соговорниците искажале уверувања за натамошна соработка, взаемна поддршка на мутилатерален план, јакнење на меѓупарламентарните врски и на повеќе нивоа, а беше констатирана и заложбата за натамошен развој на економската соработка.