Нема да дозволиме тоа да влијае на однесувањето на сите граѓани во делот на извршување на работа, во делот на одговорноста во врска со заразата или информирањето дека некој бил во контакт со заразени луѓе, изјави премиерот Зоран Заев, прашан дали со кратењето од плата на лицата кои се болни или во изолација поради КОВИД-19 ќе се поттикне криење на контактите.
Во однос на мерките за изолација, Заев по Советот за безбедност, посочи, дека министерката за труд и социјална политика дала објаснување како тоа се решава на ниво на државата.
– Владата расправаше по ова прашање. Нашиот закон и систем има решение. Тоа се решава директно преку Фондот за здравство за сите, а после тоа се знае кога плаќаат и приватните фирми поголем период од делот на лекувањето, односно останувањето дома од страна на граѓаните, изјави Заев.
Владата, посочи тој, разгледуваше можност за јавната администрација да биде 100 проценти платена, но тоа, како што рече, испраќа порака на нееднаквост, согласно законите во државата.
– За тоа, точно дефинирање може да ви даде министерката за труд и социјална политика. И секако, нема да дозволиме тоа да влијае на однесувањето на сите граѓани во делот на извршување на работа, во делот на одговорноста во врска со заразата или информирањето дека некој бил во контакт со заразени луѓе, изјави Заев.
Се оценуваше, посочи тој, за повеќе можни комбинации кои се на располагање.
– Но, се разгледуваше и практичната можност да се спроведат другите комбинации. Еден дел е законски решенија, кои што треба да се донесат, а на нас ни требаат брзи одлуки, затоа што од денеска луѓето треба да знаат што се случува со оваа работа. Останува да ги разгледуваме сите можности, ако има некакви неочекувани или непотребни импликации. Владата е подготвена секој ден да држи седници и носи одлуки, а верувам дека и Парламентот за вакви важни работи доколку е потребно законско решение, изјави Заев.
Важно е, нагласи тој, тоа да биде еднакво за сите.
– Важно е да имаме еднаквост за сите, да не се дели јавната администрација, затоа што Владата може да донесе и поинаква одлука, од вработените во приватниот сектор, изјави Заев.