Тековните финансиски скандали во Ватикан не покажуваат знаци на попуштање откако полицијата откри стотици илјади евра во готово, заедно со скапоцени златници и медалјони скриени во два дома на суспендиран службеник на Ватикан, пренесува „Домани“.
Според извештајот на италијанскиот истражувачки новинар Емилијано Фитипалди, „пленот“ на поранешниот администратор во Ватикан, Фабрицио Тирабаси, вклучувал неколку килограми златни и сребрени монети, како и 600.000 евра во готово, од кои голем дел биле ставени во стара кутија за чевли.
Вкупната вредност на она што го заплени италијанската финансиска полиција е над два милиони евра, пишува Фитипалди, а „пленот“ бил поделен во куќата на поранешниот функционер во Ватикан и во магацин во сопственост на неговиот 90-годишен татко во градот Селано, во регионот Абруцо, Централна Италија.
Таткото на Тирабаси управувала со мала продавница за монети и поштенски марки во близина на Ватикан, што може да помогне во објаснувањето на огромната колекција вредни монети.
Фабрицио Тирабаси е сметководител кој работел за кардиналот Анџело Бечу во Државниот секретаријат на Ватикан се додека не беше суспендиран минатата година заедно со уште четворица вработени. Тирабаси беше поврзан за озлогласената набавка на недвижнини во вредност од милиони долари на Ватикан во луксузната населба Челзи во Лондон.
Тирабаси, наводно, му издал на Ватикан – и бил платен – околу 15 милиони евра лажни фактури , а меѓу неговите сметки има и една во самата Ватиканска Банка, на која има над милион евра.
Ватикан го истражува Тирабаси заедно со италијанските бизнисмени Рафаеле Минчоне и Џанлуиџи Торзи, како и поранешниот банкар од „Кредит Свис“ Енрико Красо, во врска со набавката на недвижнини во Лондон.
Минатиот декември, италијанскиот дневен весник „Кориере дела сера“ откри дека Ватикан вложил повеќе од милион долари за финансирање на филмот „Рокетман“, биографски филм на кантавторот Елтон Џон со експлицитни сцени на хомосексуален секс.
Државниот секретаријат на Ватикан исто така инвестирал во компанијата за очила и лајфстајл производи на Лапо Елкан, користејќи пари донирани од католичките верници преку светските акции „Питерс Пенс“.
Обвинителите на Светата столица разгледаа низа инвестиции на Ватикан направени преку глобалниот фонд „Центурион“ со седиште во Малта, кои финансираат проекти, вклучително и недвижнини, минерална вода, веб-страници и филмови.
Преку фондот, Ватикан станал партнер со 25 отсто во компанијата на Елкан „Италија индепендент“ за 6 милиони евра, а исто така станал партнер со 10 милиони евра со индустријалецот Енрико Прециози, претседател на фудбалскиот тим „Џенова“.
Минатиот месец, папата Франциско го нападна „обожавањето на античкото златно теле“ и „идолопоклонството на парите“, две недели откако отпушти истакнат ватикански кардинал за финансиски неправилности.
„Се чини дека на многу места надмоќта на парите над човечките суштества се зема здраво за готово“, им рече Папата на претставниците на „Манивал“, европска надзорна организација за перење пари.
„Понекогаш, во обидот да се натрупа богатство, не постои загриженост за тоа од каде потекнува тоа, за повеќе или помалку легитимните активности што тоа може да ги поиттикне и за механизмите на експлоатација што можат да бидат зад тоа. Така, може да се појават ситуации кога допирајќи пари, добиваме крв на рацете, крв на нашите браќа и сестри “, рече Франциско.