Еден ден по бугарското вето за официјален почеток на преговорите на земјава со ЕУ, лавина реакции во регионот и пошироко. Реакција стигна и од Европскиот парламент, кој смета дека блокадата од Бугарија за старт на преговори со Северна Македонија го попречува помирувањето во целиот регион. САД, пак, ги повикуваат Софија и Скопје да ги решат постоечките билатерални спорови надвор од пристапниот процес за да се постигне заедничката цел – членство на Северна Македонија во ЕУ.
Владата, пак, дава шанса на процесот преку Договорот за добрососедство што го смета за одлична рамка за изнаоѓање решение, потенцирајќи дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори.
Владиниот портпарол Душко Арсовски вчера рече дека Владата има јасна определба, дава шанса на процесот и работи на тоа да дојде до усогласување на ставовите според јасно утврдени македонски национални позиции и согласно стратешките евроинтеграциски цели на земјава.
Тој потенцира дека македонскиот национален идентитет едноставно е невозможно да биде предмет на преговори.– Владата не може и никогаш нема да се откаже од нашето право на самоопределување кое е гарантирано со Повелбата на ОН, Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за човекови права, Лисабонскиот договор, како уставна основа на ЕУ. Практично и темелните вредности на Уставот на Република Северна Македонија, изјави Арсовски.
Дополни и дека ќе нема анекс на Договорот за добрососедство, бидејќи, како што повтори, ставот на Владата е дека договорот е одлична рамка за решавање на сите отворени прашања. Додаде и дека прашањето за јазикот да се реши преку фуснота, е неприфатливо за Владата и оти не е добра основа за компромис.
-Европската Унија го признава македонскиот јазик, истиот го користи при преводи на настани и публикации и во исто време една земја членка Бугарија, има задршки за јазикот и имаат право на своја позиција, и Советот на ЕУ тоа може да го земе предвид, но не може да биде став на ЕУ. Македонскиот јазик е веќе потврден во документите на ЕУ, и тоа е неприкосновено право на Република Северна Македонија, истакна владиниот портпарол Арсовски.
Премиерот Зоран Заев во интервју за Дојче веле тврди дека огромно мнозинство од бугарскиот народ е против блокада и пречки за македонскиот народ на патот кон ЕУ.
Тврдам исто така, дополнува Заев, дека и Борисов е против, затоа што тој е отсјај на својот народ. Но секако, тој има и коалициски партнери.
-Јас често го слушам мојот добар пријател Каракачанов. И тврдам дека тој ја сака Македонија, но некојпат на погрешен начин ја сака Македонија. Му го имам тоа и нему кажано. Тоа е како што велат „аман брату, немој толку да не сакаш”. Значи тој ја сака Македонија, но на погрешен начин. Треба да продолжи да ја сака, но и да покаже дека тоа што нему му тежи и му е проблем, како што вели, Блгарски Македонец, тоа се решава, вели Заев.
Тој повторува дека немаме никакви претензии кон соседот.
-Јавно тврдам дека немаме ниту територијални, ниту малцински претензии, за да слушне тој и да му олесни на Бојко Борисов. Јавно тврдам дека Северна Македонија е исто што и Република Северна Македонија. Јавно тврдам дека заедничката историја е реалност и постои. Во таа заедничка историја се изнедриле Бугарите и Македонците, бугарскиот и македонскиот јазик. И во едни такви околности, треба тоа да го зграпчиме и да градиме пријателство и братство. Тоа е љубовта која што носи иднина. Другата љубов не е вредна затоа што носи раздор и непријателство. Јас сум убеден дека и Каракачанов, кој е претседател на партија со десна определба, не сака конфликти со своите соседи, не сака да ги раздели Македонците од Бугарите, тој сака да гради пријателство внатре. Тој ги знае моите ставови. Јас сум често домаќин на културни манифестации на Бугарите во земјава, наведува Заев.
Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров оцени дека непосветувањето вистинско внимание, неангажирањето во земјите од регионот кој што географски му припаѓа на Европа, би претставувало стратешка грешка на Европската Унија.
-Кога не зборуваме гласно во одбрана на европските принципи ЕУ ослабува, без разлика дали сме граѓани на земја членка или земја кандидат за членство во Унијата. Задачата на проширувањето како европска политика е примена на нејзините вредности и тој процес не треба да биде во заложништво на билатерални прашања, рече Димитров, додавајќи дека Северна Македонија ќе продолжи со обидите да бара достоинствено решение, почитувајќи го нашето право на самоопределување, во рамки на европските принципи.
САД ги повикуваат Софија и Скопје да ги решат постоечките билатерални спорови надвор од пристапниот процес за да се постигне заедничката цел – членство на Северна Македонија во ЕУ, изјавија за МИА од прес-службата на Стејт департментот. Оттаму потсетуваат дека САД и Бугарија се силни поддржувачи на евроатлантската интеграција на Западен Балкан.
-Ја поздравуваме добрата волја за преговори. Ги повикуваме Бугарија и Северна Македонија да ги решат постоечките билатерални прашања надвор од пристапниот процес за да се постигне заедничката цел – членство на Северна Македонија во ЕУ, велат од Стејт департментот.
САД, се нагласува во изјавата за МИА, се прецизно јасни во својата желба да ја видат Северна Македонија, која моментално е кандидат за членство, како влегува во следната фаза на процесот, со одржување на првата меѓувладина конференција до крајот на годината.
-Процесот на проширување промовира долготраен мир, стабилност и просперитет во целиот регион. Одлуката на ЕУ да ги отвори пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија во март беше позитивен чекор и беше во служба на лажниот наратив дека Трансатлантската заедница го остава зад себе Балканот, се вели во изјавата.
Од Стејт департментот истакнуваат дека секакви задршки во патот за пристапувањето на овие земји во ЕУ, го ризикува отворањето на прашањето за кредибилитетот на ЕУ во регионот.
Европскиот Парламент смета дека блокадата од Бугарија за старт на преговори со Северна Македонија го попречува помирувањето во целиот регион, јави дописничката на МИА од Брисел.
Илхан Ќучук, известувачот за Северна Македонија и Андреас Шнајдер, претседател на делегацијата на Европскиот парламент за Северна Македонија во заедничко соопштение побараа да се донесе одлука за почеток на преговорите без дополнително одлагање.
– Неуспехот на министрите за европски прашања да ја одобрат преговарачката рамка за Северна Македонија, одложувајќи ги преговорите за членство во ЕУ го загрозува кредибилитетот на ЕУ во Западниот Балкан, сметаат европратениците преку официјално соопштение на ЕП.
Европскиот парламент смета дека неспособноста да се постигне компромис се должи на ветото на Бугарија и дека со тоа се става во опасност целото регионално помирување.
– Го признаваме напредокот остварен од страна на Скопје во темелните демократски и економски реформи и ги повикуваме сите страни да продолжат со конструктивен дијалог заснован на добрососедски односи и имплементацијата на Договорот за пријателство, во согласност со предвидлив, објективен пристапен процес за ЕУ заснован на заслуги, вели ЕП, додавајќи дека првата меѓувладина конференција треба да се одржи до крајот на оваа година за да се покаже дека тој дијалог носи резултат.
Бугарскиот премиер Бојко Борисов се огласи на Фејсбук по повод блокадата, истакнувајќи дека Бугарија отсекогаш била една од земјите кои најмногу инсистираа на европската интеграција на Република Северна Македонија и на другите држави од Западен Балкан.
– Бугарија силно ја поддржа Република Северна Македонија за влез во НАТО. Отсекогаш сме биле исклучително добронамерни и јасно кажавме до каде може да одат нашите компромиси. Формиравме и заедничка историска комисја, во која експертите требаше да ги решаваат спорните прашања само со аргументи. Со вицепремиерите Захариева и Каракачанов одржавме десетици средби во потрага по решенија. Дадовме се од себе да не бидеме државата која ќе каже „не” на стартот на преговорите со Република Северна Македонија, наведува Борисов во објавата.
Сепак, според него, властите во земјава мислеле дека со притисок и лобирање, ќе може да се промени бугарската позиција.
– Нашата позиција не од инает, туку е принципиелна и ги отсликува очекувањата на сите Бугари. Се разбира, подготвени сме да ги продолжиме разговорите, продолжуваме да го почитуваме Договорот за добрососедство. Сепак, очекуваме да ја видиме истата посветеност и од другата страна, додава Борисов во објавата.
Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, пак, рече дека додека не добијат правни гаранции – и од Скопје и во контекст на процесот на преговори со ЕУ, дека ќе дојде до промена на сегашната политика, не можат да се согласат на одржување на првата меѓувладина конференција и на старт на преговорите за членство со Северна Македонија.
–И покрај сите наши манифестации на добрососедство, Скопје не ја смени суштината на својата политика кон Бугарија. Обврските кон нашата земја останаа само декларативни, а во суштина Скопје ја продолжи својата политика за поддршка на неоснованите малцински, историски, јазични и други претензии. Имаме долга листа на примери во кои тие не се придржуваат до потпишаните билатерални документи, рече Захариева од собраниската говорница.
Според неа, луѓето во Македонија „се уште се во машата на тоталитарното размислување”, за што како пример ја посочи, како што рече, „прославата на годишнината од смртта на Тито, организирана од градоначалникот на Скопје”.
– Додека голем дел од другите републики на поранешна Југославија им оддаваат почит на големиот број жртви на режимот на Тито, во Скопје се велича неговото наследство. За жал, оваа идеолошка конструкција, негувана од „длабоката држава” го заробува општеството, додаде бугарската министерка за надворешни работи.
Како други примери во застојот на односите меѓу двете земји, Захариева посочи наводни „административни пречки за бугарскиот бизнис во Македонија, доцнење на транспортниот коридор број 8, антибугарска реторика во медиумите и искривена медиумска презентација на бугарската позиција”.
Група историчари од поранешните југословенските републики Словенија, Хрватска, Босна, Црна Гора и Србија, со потпишување заедничка Декларација „Да ја одбраниме историјата”, реагираат на, како што наведуваат, злоупотреба на историјата во процесот на европските интеграции на Северна Македонија од страна на Бугарија.
Заедничката декларација е потпишана и од голем број други интелектуалци од поранешна Југославија, кои исто така протестираат поради одлуката на Софија заради историски прашања да го блокира почетокот на преговорите за пристапување на земјава во ЕУ.
-Судирите за историјата и историските симболи повторно се важна политичка тема во Југоисточна Европа. Во текот на последните месеци, Владата на Република Бугарија се заканува со блокада на почетокот на преговорите помеѓу Брисел и Скопје, барајќи од Северна Македонија да ја прифати „историската вистина” дека македонскиот идентитет и јазик имаат бугарски корени и дека македонската нација ја создал Тито и Коминтерната, се вели во декларацијата.
Поаѓајќи од ставовите изразени во Декларацијата „Да ја одбраниме историјата”, ние потписниците на ова писмо изразуваме протест и осуда на овој пример на историски ревизионизам и злоупотреба на историјата за политички цели. Сметаме дека овој пристап е опасен не само за историјата како хуманистичка дисциплина, туку и за демократијата и просперитетот на регионот, но и за самата Европска унија. Наметнувањето „историски вистини” е неприфатливо и опасно. Создавањето на македонската нација не се разликува од начинот на кој се создале сите други нации, а правото на самоопределување е основно човеково право.
Затоа, бараме од историчарите во Северна Македонија и Бугарија, но и во сите земји во регионот, да бидат професионални и да се спротивстават на злоупотребите во својата дисциплина. Од политичарите бараме да водат одговорни политики, да не ги подржуваат историчарите кои поттикнуваат националистички конфликти и да не вршат притисоци кои доведуваат до фалсификување на минатото. Од европските институции и држави бараме да реагираат на злоупотребите на историјата, почитувајќи ги основните принципи на Европската унија кои овие денови на Балканот и во Европа се загрозени, како што се различноста, антифашизмот и демократијата. Европската унија е создадена како лек против лошите искуства од минатото и затоа да не дозволиме преку искривување на историјата да се уништуваат принципите на кои се темели идејата за обедината Европа, стои во документот.
Поранешната германска амбасадорка во земјава Гудрун Штајнакер, од 2011 до 2014, рече дека барањата на Бугарија кон Северна Македонија се дрзок, ненаучен, нереален и лесно проѕирен внатрешнополитички мотивиран потег. Берлин мора да го притисне својот „пријател” во Софија
-Набљудувачите се на мислење дека, првенствено поради внатрешнополитички причини, бугарската влада преку бугарската министерка за надворешни Захариева најави вето за почеток на пристапните преговори во ЕУ за Северна Македонија, доколку таа не признае официјално дека македонскиот јазик е само дијалект на бугарскиот. Ова де факто и’ оди во прилог и на опозициската националистичка ВМРО-ДПМНЕ во Северна Македонија, која ликува бидејќи на премиерот Зоран Заев повторно не му успеа да го започне процесот на пристапни преговори со ЕУ, вели таа.
Натаму посочува дека самото тврдење дека македонскиот е само еден дијалект на бугарскиот, е ненадминлив во својата апсурдност. Како и денешниот бугарски јазик во 19 век, така и македонскиот по Втората светска војна се кодифицирал како стандарден јазик од страна на лингвистот Блаже Конески врз база на повеќе дијалекти кои се зборувале на територија на денешна Северна Македонија.
Во меѓувреме, реакции против бугарското вето стигнаа и од Софија. Весела Чернева, заменик-директор на Европскиот совет за надворешна политика (ECFR) и директор на софиската канцеларија на организацијата рече дека блокирањето на која било земја кандидат за во ЕУ не се прави врз основа на историјата и идентитетот, туку врз основа на достигнувањата, како што е примената на европкското законодавство и достигнувањето на европските стандарди. Бугарија ја внесува историјата во процесот на проширување, што би го направило практично невозможно или многу тешко за останатите балкански земји да напредуваат.
-Постојат најмалку 11 билатерални спорови на Балканот. Ќе биде опасно, ако секој може секого да го блокира. Се разбира, земјите-членки можат да имаат тврдења за тоа како една земја го применува европското законодавство, како се прилагодува на европските стандарди и ова е основа за соодветно прекинување на преговорите или враќање кон одредено поглавјеа. Поентата е дека тоа не се прави врз основа на историјата и идентитетот, вели Чернева.
-Бугарија си создаде слика со која се претвора од пасивно-конструктивна во пасивно-агресивна земја и всушност многу луѓе не сфаќаат дека оваа штета е многу тешко да се поправи. Штетите можат да се направат за неколку недели, но потребни се години работа за истите да бидат отстранети, истакнува Чернева.
Вели дека односот кон Бугарија во регионот е променет. – Од моите разговори на разни форуми со колеги од регионот во последните две недели можам да кажам дека од Загреб до Тирана односот кон Бугарија е многу негативен. Овој капитал, што беше акумулиран за време на претседателството, кога нашите соседи видоа дека Бугарија навистина сака да работи за европската перспектива на регионот, сега со сигурност е ликвидиран, вели таа.
Според неа, за целиот регион ова е чекор назад, а Република Северна Македонија имаше најголеми причини да очекува поттик од Унијата, особено што Заев го доби вториот мандат токму со ветување за поголема и побрза европска интеграција. Тој го деблокира европскиот пат на Македонија.
Истакнува дека мора да се стави до знаење дека политичката цена што Бугарија ќе ја плати ќе биде многу поголема од придобивките за која било надворешна сила.
-Во оваа фаза, не гледам дека стекнавме некаков бенефит од надворешната политика. Единствено што гледам е дека истуривме изборна поддршка за Красимир Каракачанов. Не знам зошто ова треба да биде приоритет на бугарската надворешна политика. Секој има внатрешна политика и нашите партнери го гледаат домашниот политички случај, но сепак раководството е ова: да бидете во таква позиција да одлучите кој е вашиот приоритет на крајот и до кој степен ќе ги ставите интересите на мала националистичка партија во спротивност со големиот европски интерес, подвлече Чернева.
Посочува дека ако Владата почнела сериозна дипломатска или каква било друга – економска, културна, образовна работа со Македонците во последната година и половина, ова немало да се случи, а со тоа и влијанието на Каракачанов врз ова прашње немало да биде толку големо.