Многу повеќе имаме направено од Бугарија, но свесни сме дека тие се дел од клубот, а ние сакаме таму да влеземе. Во нерамноправна позиција сме, но нашата упорност и трпеливост мора да се одлика на македонската Влада и македонската политика во овој период, вели поранешниот премиер Владо Бучковски.
Во гостување на телевизија Сител, Бучковски рече дека изминатите денови бил во Сфија и одблизу имал прилика да разговара за блокирањето.
-Во Бугарија се пренесуваат и изјавите на Зоран Заев, како градоначалник на Струмица, кој има изјавувано дека понекогаш му пречи тоа што на некои споменици пишува бугарскиот фашистички окупатор. Треба да видиме дали е точно дека во изминатите години имаме 15 до 20 споменици на кои е избришана формулацијата „бугарски”, за да дадеме поттик во духот на Договорот за соработка и да не ја лепиме таа етикета на сите Бугари. Ние Македонците забораваме дека Комунистичката партија, која го создаде Антифашистичкото движење, кое ни ја донесе победата, слободата, ни го донесе АСНОМ, од 1934 година од Коминтерната до формирање на првите партизански одреди беше силно помогната од Комунистичката партија на Бугарија. Ние во 2005 година го рехабилитиравме Методија Шаторов Шарло. Рехабилитацијата и Каракачанов ја споменува постојано Во 2005 година ние имаме Закон за обештетување на репресираните од комунистичкиот режим. Во 2006 година, кога спикер во парламентот беше Љупчо Јордановски, на предлог на Стојан Андов, имаме Резолуција донесена според Резолуцијата на Советот на Европа, таа е за осуда на неправдите од комунизмот. Таа може да не покрие во тој дел што го споменуваат Бугарите. Или не обвинуваат дека не се грижиме со сето внимание кон нивните гробишта од Првата светска војна, кои се споменуваат, на пример во Ново Село, рече Бучковски.
Според него, и во делот на Коридорот 8 имаме направено повеќе од Бугарија.
-Во делот на Коридорот 8 ние имаме направено пет пати, а може и десет пати повеќе од Бугарија. Ние тоа го правиме во континуитет, а таа страна не гледаме ништо. Во делот со говорот на омраза не е само контролата на медиумите, таму има една поширока формулација која ја повторуваат- дека 30 години постои говор на омраза кај нас против нив. Не личи воопшто на вицепремиер како Каракачанов да користи таков речник. Свесни се бугарските власти дека нашите политичари не одговараат на нивните провокации, и тоа не става во позиција да бидеме мудри и рационални, она што реално го имаме направено, а имаме направено многу, да и го пренесеме на јавноста. Токму тоа јас го изнесов и на моето гостување на бугарска телевизија, рече Бучковски.
Тој додаде и дека од понеделникот до денеска, додека престојувал во Бугарија, расположението кај политичарите варирало.
-Ако беа многу тврди на денот на носење на ветото, деновите потоа коментарите беа помеки. Зборуваа дека сепак вратата на ЕУ е отворена, па пак потоа имаше порадикални ставови. Очигледно е дека не кријат дека има преговори, дека македонската страна ќе остане посветена, медиумите ги пренесуваат коректно изјавите на премиерот Заев и министерот Османи. Сепак, да не сме патетични, ниту е време за патриотски говори. Да влеземе со тоа што го имаме сработено, најмогу за овој процес е заинтересирана Германија како најсилна членка во ЕУ, сојузништвото со САД ни оди во прилог… Приказната околу идентитетот и јазикот е завршена, темата е заедничката историја. Заев постојано потврдува дека имаме заедничка историја, тоа мораме дома да го отвориме, ама со искрена дебата, порача Бучковски.