Од утре наутро, Грција го затвора граничниот премин Кристалопиги со Албанија, а остануваат отворени Какавиа (со Албанија), Евзони (со Северна Македонија) и Промахонас (со Бугарија), додека пак од Нимфеа (Бугарија) ќе биде дозволен премин само за камиони, соопшти денеска портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас на редовниот брифинг со новинарите и додаде дека освен негативниот ПЦР тест, што е задолжителен, на границите при влез во Грција, на сите ќе им се прави и рапид тест, јави дописничката на МИА од Атина.
Копнените граници, од почетокот на пандемијата се затворени за државјани на трети земји, а за туристи е дозволен влез само преку Бугарија, додека пак од Албанија, посебен исклучок постои за сезонските работници.
Одлуката на грчката Влада е за да се ограничи ширењето на коронавирусот во северна Грција, каде што епидемиолошката слика е особено сериозна, а дополнително ќе бидат засилени и лонтролите за почитување на мерките во градовите од северниот дел на земјата.
Портпаролот на грчката Влада упати апел до сите да се придржуваат до мерките за да се намали притисокот врз здравствениот систем, но и за да не задоцни отворањето на економската и социјална активност во земјата.
Во однос на тоа кога ќе заврши карантинот и на кој начин ќе се ублажуваат рестрикциите и дали ќе биде до 30 ноември како што првично беше најавено или ќе биде продолжен, портпаролот на грчката Влада рече дека се ќе зависи од епидемиолошката слика во земјата и препораката од епидемиолозите.
-Ако продолжиме да гледаме истата слика од изминатите денови, очигледно е дека може да биде поголем временскиот период што ќе биде потребен за да се намали епидемиолошкиот товар. Во овој момент не сме во позиција да го оцениме тоа. Следиме континуирано, секојдневно, седмица по седмица и кога ќе имаме поконкретни податоци ќе го соопштиме нашиот план за постепено враќање во нормала, објасни Пецас.
Одговарајќи на новинарско прашања за натписите во медиумите дека се подготвува специјален воз што од Солун (каде што се намалува бројот на слободни кревети во болниците) ќе пренесува пациенти во Атина, Пецас рече дека „околностите со кои што се соочуваме се воени околности” и затоа постојано се зајакнува здравствениот систем.
-Ако биде потребно ќе префрлиме пациенти и општо ќе направиме што и да биде потребно за ја добиеме битката во целата земја, истакна Пецас.