Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Етиопиецот Тедрос Аданом Гебрејесус, кој по потекло е од побунетиот регион Тиграј, денеска ги демантираше обвинувањата на етиопската армија дека е на страната на бунтовниците.
„Некои извештаи сугерираат дека застанав на едната страна во оваа ситуација. Тоа не е точно и сакам да кажам дека сум само на една страна – на страната на мирот”, напиша Тедрос на Твитер.
Претходно денеска, Генералштабот на етиопската армија го обвини директорот на Светската здравствена организација (СЗО) дека се залага за регионот Тиграј, чии сили се борат против армијата и дека се обидува да добие оружје за нив.
Гебрејесус беше министер за здравство на Етиопија од 2005 до 2012 година, кога на власт во земјата беше претставник на овој регион.