Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) денеска прими донација на лаптопи од Македонско-Американската Алумни Асоцијација (МААА), за што претседателката на МААА Верица Јорданова, истакна дека ќе се користи за размена на информации поврзани со КОВИД-кризата помеѓу земјите од Западен Балкан, вклучително Бугарија и Грција.
– Тој проект веќе дава одлични резултати и размената на информации на највисоко ниво помеѓу овие земји е исклучително важно за навремена размена на информации и навремено носење мерки во насока на заштита од КОВИД -19 вирусот, нагласи Јорданова.
Лук Захнер, канцелар за односи со јавност на Амбасадата на САД во земјава, изрази надеж дека донацијата ќе биде од помош за нашите напори против КОВИД и исто така за партнерството против оваа криза.
Директорот на ИЈЗ Шабан Мемети посочи дека денешната донација е продолжување на поддршка на Американската амбасада и УСАД на ИЈЗ за зајакнување на капацитетите на Институтот почнувајќи од лабораториите на микробиологија.
– Оваа е посебна донација на НАТО за епидемиолозите и другите лица што се влезени во анкетите на ИЈЗ што му помагаат и на Центарот за јавно здравје. Многу сме и благодарни на Американската амбасада која во оваа КОВИД-криза ни помага во зајакнување на капацитетите и ние како Институтот да одговориме на барањата на граѓаните, наведе Мемети.
На новинарско прашање околу тоа по колку тестови за Ковид-19 дневно спроведува ИЈЗ, дали епидемиолозите постигнуваат да ги извршат сите тестирања, како и за реакциите на граѓаните дека тешко се стасува до тестрање, директорот на ИЈЗ нагласи дека дневно прават и до 1.500 тестирање и оти има епидемиолози во Институтот.
– ИЈЗ можеби дневно стасува до 1.500 тестови за КОВИД -19. Ги имаме сите капацитети да одговориме на барањата на граѓаните нормално врз епидемиолошка анкета и алгоритми што треба да се исполнат. Освен тоа, да им одговориме на сите јавни здравствени установи почнувајќи од Клиничкиот центар на барање упати за КОВИД -19 тестови, рече Мемети.
Тој посочи дека улогата за Град Скопје за епидемиолошки анкети ја има Центарот за јавно здравје каде тие помагаат.
– Сите капацитети се вклучени и во микробиолошки испитувања – тестови и за епидемиолошките анкети. Случаевите на КОВИД -19 се многу и се доцни понекогаш. Не е ништо за 24 часа ако не се стигнува. Спомнав ние на Центарот за јавно здравје му помагаме да им одговориме што побрзо, нагласи Мемети.