– Конференција „Зелените доаѓаат 2020″ во организација на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) и во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, ќе се одржи денеска во Скопје.
На конференцијата, како што соопштија организаторите, ќе говори Марион Краске од Фондацијата Хајнрих Бел, директорка на регионалната канцеларија за БиХ, Северна Македонија и Албанија. Како говорници се најавени и Роберт Алаѓозовски, национален координатор за интеркултурализам, Илхан Рахман, заменик министер во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Џељо Хоџиќ од Агенцијата за остварување на правата на заедниците, проф. Мирјана Најчевска, како и претставници на други владини ресори, локалната самоуправа, невладиниот сектор и бизнис заедницата.
На конференцијата ќе говорат и претставници на ЦИВИЛ, меѓу кои и Петрит Сарачини, медиумски експерт.
Конференцијата, како што посочуваат, ги опфаќа темите во областите на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, со посебен осврт на меѓусебната поврзаност и неделивост на овие области. Конференцијата е завршен настан на проектот „Зелените доаѓаат” кој се спроведува со долгогодишните партнери на ЦИВИЛ, Фондацијата Хајнрих Бел.
– Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, конференцијата ќе се одржи онлајн, со минимално физичко присуство на организацискиот тим и дел од клучните говорници. Онлајн учеството е обезбедено преку апликацијата Зум, со претходно пополнување формулар за учество со основни податоци за заинтересираните учесници. Физичко присуство не се препорачува, се вели во соопштението.
Конференцијата ќе се пренесува во живо на Фејсбук страницата на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ.