Поранешниот офицер на американските специјални сили Питер Дубинс призна дека соработувал со руското разузнавање, соопшти Министерството за правда на САД.
Според истрагата, поранешниот припадник на Зелени беретки шпионирал за Русија од крајот на 1995 година до почетокот на 2011 година. За време на неговата служба, тој доставувал доверливи информации во врска со националната безбедност на САД, вклучително и податоци за единиците за хемиска заштита и специјалните сили.
Според обвинението, Дубинс бил регрутиран кога имал само 19 години. Тогаш тој бил студент на Универзитетот во Минесота и практикант во Чељабинск, Русија. Таму ја запознал својата идна сопруга, ќерка на полковник во руското воено воздухопловство.
Во 2008 година, Дубинс се повлекол од армијата и им ги предал на Русите имињата на неговите армиски колеги кои биле потенцијално интересни за регрутирање, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Дубинс би можел да добие доживотна казна затвор за неговите шпионски активности. Пресудата ќе биде донесена на почетокот на 2021 година.