Лидерите на Европската унија денеска планираат да побараат од Европската комисија да ги објави своите акциски планови во случај на одбивање на трговски договор меѓу Унијата и Велика Британија по Брегзит, објави британски „Тајмс”, повикувајќи се на висок дипломат на ЕУ.
– Сега треба да одлучиме кои се мерките за итни случаи (во случај на неуспех на трговскиот договор). Се приближува 1 јануари 2021 година и треба да се осигураме. Знам дека земјите-членки ќе сакаат да бидат објавени мерките што ќе бидат преземени во вонредни околности, рече дипломатот за Тајмс.
Тој додаде дека барањето до Европската комисија пред сè е политички сигнал.
Според Тајмс, договорот меѓу Лондон и Брисел би можел да биде потпишан в понеделник.
Не е прецизирано кои шефови на влади ќе поднесат такво барање, но владите на Холандија, Франција и Белгија се загрижени за недостиг на план за акција во случај на заминување без договор, наведува весникот.
На 15 ноември, британскиот преговарач Дејвид Фрост напиша на Твитер дека последните денови Велика Британија и ЕУ успеаја да направат одреден напредок во преговорите за идните односи по Брегзит, но сепак има значителни разлики и ризикот да не се постигне договор е вистински. Фрост информира дека голем дел од заеднички подготвениот текст е готов, но значителни делови сè уште не биле договорени.