Меморандум за меѓусебната соработка потпишаа Министерството за локална самоуправа и Фондот за иновации и техонолошки развој што ќе овозможи реализација на ваучерската програма за градење на капацитетите на претпријатијата во Република Северна Македонија. Соработката ќе се оствари преку Регионалните бизнис центри во рамки на Центрите за развој на планските региони.
-Денеска потпишавме Меморандум со цел заеднички да им помогнеме на малите и на средните претпријатија полесно да пристапат до буџетските средства кои што се наменети за нивна поддршка и развој. Заедно со швајцарската Влада преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, Министерството за локална самоуправа обезбедува 3 милиони денари или 51 отсто, а Фондот за иновации другите 49 проценти од средствата за финансиска поддршка наменета исклучиво за ваучерската програма за градење на капацитетите на претпријатијата во земјава, изјави министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.
Според Милевски целта на ваквата меѓусебна соработка е преку ваучерската програма да се придонесе за зголемување на конкурентноста на планските региони со поддршка на малите и средни претпријатија и на претприемништвото. Целосна информираност на потенцијалните корисници од сите плански региони за можностите за условите и начините за користење на средства од Програмата, како и обука на администрацијата која што треба да ги обезбеди услугите.
– Поддршката ќе се реализира преку Бизнис центрите кои што функционираат во рамките на Центрите за развој во сите осум плански региони. Бизнис центрите ќе функционираат како регионални канцеларии кои што, ќе ги информираат потенцијалните корисници за сите јавни повици на ФИТР за поддршка на приватниот сектор, потоа ќе обезбедуваат техничка поддршка на потенцијалните апликанти од соодветниот регион, за сите активни повици за секој поединечен инструмент, а ќе даваат оперативна и финансиска поддршка на ваучерската програма за градење на капацитетите на претпријатијата во земјава. Очекувам дека соработката ќе продолжи и во наредниот период, врз основа на искуството што ќе го изградиме и врз основа на задоволството на клиентите, конкретно на бизнис секторот. Со поддршка на малите и средните претпријатија го поддржуваме развојот на регионите, зголемувањето на бројот на нови работни места, подобар стандард за живеење во сите делови од државата, појасни тој.
– ФИТР останува посветен партнер на македонските компании. На овој начин продолжуваме заедно со бизнис секторот да генерираме нови инвестициски циклуси и забрзан економски раст базиран на иновации и технолошки развој, како и зголемен број на вработувања. Целта на денешната соработка е да ги приближиме инструментите на Фондот и можностите за финансиска поддршка кои државата ги нуди на домашните компании низ целата земја. Со ваков пристап на децентрализирана поддршка и информации сакаме да ги поттикнеме компаниите во сите плански региони, а не само од скопскиот, да аплицираат во Фондот и нивните бизнис идеи заедно да ги претвориме во успешни проекти, потенцираше Коста Петров, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој.
Според амбасадорката на Швајцарија во Скопје, Сибил Зутер, развојот на претприемништвото започнува локално, но сепак во голема мера се потпира на поврзување на претприемачите со вистинските ресурси што им се потребни за да ги развиваат своите деловни активности.
– Користејќи ги 8-те Бизнис центри во рамките на Центрите за развој на планските региони како неформални сателитски канцеларии на Фондот за иновации и технолошки развој, ќе обезбедиме повеќе мали и средни бизниси низ целата земја, особено во заостанатите региони, да добијат вреден пристап до информации за можностите што им се достапни. Затоа веруваме во важноста на градењето, поврзувањето, зајакнувањето и растењето на екосистемот на претприемништво во Северна Македонија и ќе продолжиме да работиме заедно за да постигнеме одржлив и инклузивен економски раст преку создавање работни места и подобрување на деловното опкружување, рече таа.