Пандемијата со Ковид-19 го откри недостатокот на здравствени работници што веќе постоеше во многу европски земји, се наведува во извештајот објавен денеска од ОЕЦД, во кој се препорачува државите да мораат да вложат повеќе за своите здравстевни работници, јави дописникот на МИА.
Во моментот кога вториот епидемиски бран го погодува Стариот континент, Организацијата за економска соработка и развој извлекува лекции од првиот бран во својата годишна здравствена панорама. Меѓу овие лекции, ОЕЦД тврди дека европските здравствени системи мора да се развиваат за подобро да одговорат на врвовите на побарувачката.
„Недостатокот на здравствен персонал сепак беше многу видлив, затоа што обуката на квалификувани здравствени работници трае повеќе време отколку создавањето на привремени капацитети”, се подвлекува во извештајот.
За да се поправи ова на краток рок, ОЕЦД предлага „мобилизација на дополнителен персонал” преку резервни листи, посочувајќи ја Франција како пример. Но, ова нема да ги ослободи европските држави од повеќе инвестиции во нивниот здравствен персонал, кој од здравствената криза беше подложен на екстремни притисоци.
ОЕЦД, исто така, нагласува дека земјите кои биле поуспешни од другите во зауздувањето на заразата, како што се Норвешка и Финска, биле подобро подготвени, со ефективна стратегија за тестрирање, следење на пациенти и следење на контакт. Затоа ги повикува владите да усвојат стратегии што овозможуваат правилно управување со закрепнувањето на економската активност, за да нема повеќе други мерки на ограничувања.