Претставници од министерствата за образование и наука и од надворешни работи и од Фондот за иновации и технолошки развој денеска учествуваa на видеосостанок со претставници на Директоратот за истражување, технолошки развој и иновации на Европската комисија за подготовка на договорот за учество на Република Северна Македонија во новата рамковна програма за истражување и иновации на Европската комисија „Хоризонт Европа” (2021-2027).
На состанокот, на кој од МОН учествуваше заменик-министерот Арафат Шабани, се потврди ставот дека Европската комисија нема да дозволи прекин на континуитетот на учеството на Република Северна Македонија во новата програма „Хоризонт Европа” која ќе почне на 1 јануари 2021.
– Република Северна Македонија ќе го продолжи своето учество во програмата „Хоризонт Европа” со статус на асоцијативна земја членка на Програмата т.е. согласно истите услови, правила и одговорности кои важат за земјите членки на ЕУ, наведува МОН.
Програмата е отворена за најширок круг на потенцијални корисници, почнувајќи од локалните власти, медиумите, образовните институции, истражувачки организации, организациите на граѓанското општество и невладините организации, бизнис-секторот, особено малите и средните претпријатија, но и самите граѓани како неформални групи.
– Нашите очекувања во новата програма се да видиме повеќе истражувања и иновативни проекти со зголемено учество на претставници од Северна Македонија, изјави заменик-министерот Шабани.