Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска денеска се сретна со директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири и неговите соработници, како клучна институција за спроведување на проектите и програмите финансирани од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на ЕУ, чие портфолио во периодот 2014-2020 достигнува 23 милиони евра.
-На состанокот се потврди важноста од забрзување на спроведувањето на активните мерки за самовработување и формализација на бизниси, како и грантовите за креирање нови работни места во висина од 10 милиони евра обезбедени во рамки на буџетска програма „ЕУ за социјална и економска отпорност во Република Северна Македонија, соопштија денеска од Министерството за труд и социјална политика.
Соговорниците на средбата се согласиле да се продолжи со доследно спроведување на обврските од Програмата „ЕУ за младите”, која се однесува на имплементацијата на Гаранцијата за млади и предвидува поддршка на повеќе од 9000 млади лица во Североисточниот, Југозападниот и Полошкиот регион.
Биле договорени и конкретни чекори за забрзување на имплементацијата на проектот „Активација на ранливите групи на пазарот на труд”, кој е во функција на спроведување на социјалната реформа и интеграција на корисниците на гарантирана минимална помош на пазарот на труд.