На средбата заеднички беше констатирано дека двете држави посакуваат преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија да започнат до крајот на годинава, како влог во стабилност на регионот и како важен процес за обезбедувањето просперитет за граѓаните. Според Заев и Брнз, решавањето на билатералните прашања треба да остане надвор од преговарачката рамка меѓу Северна Македонија и ЕУ, а секое противење или оневозможување на овој процес е на директна штета на кохезијата на трансатлантското семејство на народи и спротивно на интересите за стабилност и демократија во регионот.
Амбасадорката на САД Кејт Брнз ги поздрави постапките на Владата за сузбивање на потпалувачкиот говор во јавноста и даде поддршка на напорите да се одржи конструктивниот и отворен дијалог по однос на овие прашања. Премиерот Заев се придружи кон овие ставови и изрази надеж дека примерот на Владата во промоцијата на дијалогот како алатка за решенија ќе го следат сите чинители од земјата и регионот.
Премиерот Заев изрази благодарност за стратешката и сојузничка поддршка која Северна Македонија ја добива од САД и заедно со амбасадорката Брнз ги потврдија заложбите за постојана и суштинска соработка во справувањето со коронавирусот, како и за уште поголеми директни инвестиции од САД во развојот енергетиката, дигиталната економија и сајбер безбедноста согласно безбедносните стандарди на НАТО.