Фестивал на младо вино – годинава традицијата продолжува онлајн

– „И коге сѐ е вонредно, младото вино е извонредно” – под овој слоган денеска ќе се одржи Фестивалот на младо вино што традиционално го организира винарската визба „Тиквеш”.

Поради корона-пандемијата, годинава 11-тото издание на Фестивалот ќе може да се следи онлајн, преку страницата на „Тиквеш” на социјалната мрежа Фејсбук – Facebook.com/TikvesWinery, од 19 до 21 часот.

-Раководејќи се од основната идеја заеднички да се наздрави за првото, младо вино од најновата берба, годинава овој настан се организира и со намера да се создаде позитивна атмосфера и да се придонесе кон охрабрување за надминување на предизвиците со кои сите се соочуваме, наведува „Тиквеш”.

Програмата предвидува изведби на познати уметници и естрадни ѕвезди од земјава и регионот кои ќе бидат емитувани „во живо” од две локации – Кавадарци и Белград. Ќе настапат Влатко Стефановски, Тијана Дапчевиќ, Фрајле и Здружение на џез музичари.

Според организаторите, веќе е најавено дека фестивалот ќе го следат голем број вински ентузијасти од земјава и странство, партнери и соработници на „Тиквеш”.

Фестивалот на младо вино на „Тиквеш” е прв и најголем настан од ваков карактер во земјава и има значајна улога во градењето на винската култура и создавањето сопствена традиција на проценка на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји – производители на вино.

Треба да знаете
Последни објави