Велика Британија би можела да ги олесни рестриктивните мерки со цел да им дозволи на семејствата да се собираат за Божиќ, затоа што постојат сигнали дека состојбата со коронавирусот почнува да се подобрува како резултат на моменталното заклучување ширум земјата, изјави денеска британскиот министер за здравство Мет Хенкок.
Велика Британија има најлош корона биланс во Европа, со најмногу смртни случаи, а премиерот Борис Џонсон воведе едни од најстрогите мерки по Втората светска војна, со цел да го запре ширењето на вирусот.
Ханкок рече дека е во контакт со администрациите во Шкотска, Велс и Северна Ирска, со цел да им се овозможи на луѓето да го слават Божиќ со своите семејства.
Англија е „под клуч” веќе две недели, а Хенкок нагласува дека рестриктивните мерки го намалија бројот на пациенти, што, според него, е важен показател дека работите почнуваат да се движат во вистинската насока пред одлуката за Божиќ.
– Ова се охрабрувачки сигнали, заклучувањето дава резултати, рече Хенкок за „Скај њуз”.
Заклучувањето во Англија треба да заврши на 2 декември, иако министрите не ја исклучија можноста рестриктивните мерки да бидат продолжени.