Наша задача е да бидеме оптимисти и да работиме за подобра иднина, а напорите што ги правиме како Влада ги темелиме на плебисцитарната желба на граѓаните и се додека постои таква консензуална желба на граѓаните за европска унија, нема преча која што може да не застане на тој пат, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во врска со актуелниот политички момент и амбиент околу евроинтеграциите на Република Северна Македонија.
За време на денешниот престој во Битола, министерот Османи најави подготвеност за претстојниот тежок процес на преговори.
-Треба да бидеме подготвени дека влегуваме во тежок процес на преговори, а преговорите секогаш имаат пречки на патот. Ние минатата година имавме пречка во октомври кога Франција но и други држави имаа дилеми во однос на поддржувањето и замислете тогаш да се откажевме затоа што се појави пречка!? Не, ние продолживме, и во месец март годинава ја добивме поддршката од Франција. Денес имаме пречка од Бугарија, утре ќе имаме пречка од некоја друга држава членка на ЕУ, но овој процес бара консензус, бара напорна работа, бара умешност, стратегија, дипломатија и трпение во одредени моменти затоа што е заснован на консензуалната определба на граѓаните. Нема алтернатива од членството во ЕУ, нема алтернатива од добрите односи со Република Бугарија и со соседите, и тука го базираме оптимизмот, порача Османи.
Шефот на македонската дипломатија потврди дека интензитетот на влaдините активности не е намален и е во функција на европската идеја за развој на Балканот.
– Ние не изгубивме ниту еден час по донесената одлука која за жал ќе ја ослаби европската идеја во регионот и штети ќе има за Република Северна Македонија, за Република Бугарија, но и за целата европска идеја во регионот. Но, продолжуваме да работиме затоа што сметам дека уште има простор, влогот е голем, а последиците би биле лоши доколку се намали перспективата на државата и регионот, а со тоа ќе ослаби идејата на ЕУ на Балканот, нагласи Османи и порача дека ова сензитивно прашање со внатрешна кохезија и внимателно негување на односите со Република Бугарија ќе се постигне напредок во процесот.