Агенцијата за промоција и подршка на туризмот (АППТ) бара од Комисијата за заразни болести и од Министерството за здравство да донесе посебни протоколи кои ќе овозможат отворање на домашните ски – центри, а во понеделник, на состанок на Координативното тело, се очекува сите комори, здруженија и асоцијации да дадат дополнителни предлози за ублажување на корона-ударот. Предлог-мерки, среднорочни и долгорочни, ќе изнесат и АППТ, како и Министерството за економија. Како што соопшти денеска директорот на Агенцијата, Љупчо Јаневски, иако досега се искористени само 43.000 ваучери за домашен туризам, ваквата поддршка дава резултати и треба да продолжи догодина. Треба, оцени Јаневски, да продолжи и рокот за ваучерите кои не се искористија, а се нешто над 50.000.
Закрепнувањето на туризмот, порача Јаневски, треба да биде „зелено” и насочено главно кон регионот, што подразбира создавање воспоставување т.н. зелени коридори со Србија, Црна Гора, Албанија и Косово кои ќе овозможат да се патува без ПЦР тестови и без какви било задржувања на туристите, на што АППТ веќе работи.
Директорот информира дека годинава се исплатени околу 80 милиони денари за субвенции на домашните и на странските тур-оператори што е реализација на Буџетот на АППТ од 99,88 отсто. За идната година Агенцијата побарала 138 милиони денари буџет, но државата предлага да и одобри 96 милиони денари. Падот на туризмот во првите шест месеци од годинава е 34 отсто, што е најмал пад во однос на другите земји во регионот и нема да биде драстично поголем во третиот квартал.
Во првите девет месеци бројот на странските туристи е намален за 83,87 отсто, а на ноќевањата за 84 проценти зашто во тој период, но и се уште земјава е во т.н. црвена зона, односно оние што ќе ја посетат, по враќањето дома или треба да седат во изолација 10 дена или им следува 14-дневен карантин.
Јаневски е оптимист дека деновиве туристичките агенции ќе излезат со конкретни аранжамни за зимување или за дочек на новата година, како и за божиќните празници. Интерес да ја посетат земјава има од Албанија и Косово, но и од Белорусија и Украина. Промоцијата на македонскиот туризам активно продолжува, не само онлајн. Во октомври, потсети директорот на АППТ,15 албански тур-оператори беа на инфо тура во Маврово и Попова Шапка, а од 6 декември почнува редовната авио линија Киев – Скопје со летови двапати неделно, во четврток и недела, поради што се очекуваат поголем број туристи од Украина. Ако дозволи состојбата, додаде Јаневски, треба да се воведат и чартери за зимската сезона и од Белорусија.
-Искористеноста на ваучерите требаше да биде поголема. Понекогаш недостига контрола кога нашите туристички капацитеи се во прашање, но и дали статистиките се точни кога се работи за домашниот пазар. Да, треба да продолжиме со ист или сличен модел на субвенцинирање кој Агенцијата веќе го подготви и ќе биде доставен до Министерството за економија и изложен на Координативното тело во понеделник. Во однос на аранжамните, тие се оставаат на туристичките агенции и тур-операторите зашто патувањата во Србија, Албанија, Косово и Црна Гора се без ПЦР тест. Затоа очекувам деновиве да се излезе со аранжмани за зимскиот период или за новогодишните и божиќните празници, истакна Јаневски.
Според него, секторот треба да се стимулира, но мора и заеднички да се градат одржливи форми на туризам, земјава да се позиционира како дестинација за сите четири сезони, да се промовираат националните паркови, руралниот, алетернативниот и адреналинскиот туризам, а и гасторномијата мора да си го заземе своето место. Јаневски укажува дека поради корона ситуацијата, туризмот веќе добива нова форма – се повеќе се бараат поблиски дестинации, а и патувањето е најчесто семејно, во помали групи. Таков туризам треба да им се понуди на потенцијалните гости.
Прогноза на Јаневски е дека во првата половина на 2021 гподина ќе има многу малку чартер летови.
-Голем број тур-оператори се подготвени да летаат зашто сите бврски според нив АППТ ги има исплатено. Очекувам минусот да биде многу помал кога се работи за странскиот пазар. Сепак, тоа ќе зависи и од пандемијата, подвлече директорот.
Осврнувајќи се на досегашните резултати од 2020 година, Јаневски посочи дека кампањата „Дома си е дома” се покажа како многу успешна. Хаштагот „Дома си е дома” бележи преку 3.500 објави, 10-те промотивни видеа се прегледани 32000 пати, а посетеноста на страницата „Норт Маседониа тајмлес” е зголемена за 22,5 проценти. И на престижниот „Лоунли планет”, рече Јаневски, земјава првпат беше претставена преку кратко видео со адреналинските и алтернативни форми на туризам.
Фокус, пак, на претстојните активности на Агенцијата ќе биде привлекување гости пред се од региноот, ставање во функција на Бислимската клисура, водичот „Виа игнатиа”, како и означувањето на чаршиите во Ресен, Охрид, Битола и Прилеп. Акцент ќе се стави и на зголемување на посетите на блогерите и инфлуенсерите, ќе се овозможи адреналински туризам во Крушево, Демир Капија и Маврово, како и ќе се тагираат 10-те најкачувани врвови во земјата. Ќе се понудат патеки, водичи и апликација, два електронски водичи – Скопје град на солидарноста и за 50 музеи што треба да се посетат, арехолошки водич и други промотивни алатки и материјали.
На новинарско прашање во однос на барањето за негово итно заминување од позицијата директор што денеска го реафирмираа Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, Туристичко-угостителската комора на Македонија во рамки на Сoјузот на стопански комори (ССК) и Националната асоцијација за дојдовен туризам (НАИТМ), Јаневски одговори дека Агенцијата прва во регионот создаде Координативно тело, на нејзино барање, во кое учествуваат и членуваат сите засегнати страни од труизмот.
-Со здруженијата, асоцијациите и коморите работиме заеднички на донесување на сите можни мерки, предложени од нивна страна за ублажување на кризата. Сите четири сегменти и сетови мерки беа донесени по барање на коморите. Покрај соработката и отвореноста, АППТ секогаш работи со аргументи, статистики и постигнувања, напомена Јаневски.