Од денеска до 27 ноември, под мотото „Тестирај. Лекувај. Превенирај”, се одржува Европската недела на тестирање за ХИВ, кон која веќе седма година по ред се приклучува и здружението ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, заедно со неколку стотини организации од 53 европски земји. Целта на одбележувањето на оваа недела е да се зголемат пристапот и свесноста за важноста од тестирањето за ХИВ, објаснуваат од ХЕРА.
– На тој начин, информациите за превенција на ХИВ стануваат подостапни, повеќе луѓе можат да го дознаат својот ХИВ-статус и да добијат терапија, грижа и поддршка, велат од здружението.
Во фокусот на годинешната кампања е еден малку познат факт за ХИВ кај нас: Н = Н, недетектабилно е еднакво на непреносливо.
– Тоа значи дека луѓето кои живеат со ХИВ и редовно примаат терапија, имаат недетектабилно ниво на вирусот во крвта. Односно, дека вирусот во крвта се намалил до степен што не може да се детектира, со што целосно се спречува преносот на ХИВ по сексуален пат, дури и кога не се користи заштита (кондом). Така, самата терапија за ХИВ, всушност, претставува еден од најефективните начини на превенција на ХИВ, појаснуваат од ХЕРА.
Тоа е и главната порака на кампањата преку социјалните медиуми и преку видео.