Имам план за поголемо и поактивно вклучување на младите во општеството, засилување на младинскиот активизам и креирање на квалитетни младински политики, истакна претседателот на СДММ Марко Михаилоски во своето гостување во емисијата „Утрински брифинг”.
– Програмата на СДММ почива на социјалдемократската идеологија и на програмските одредби на партијата, левичарските вредности, кои се однесуваат на почитување на младиот човек без оглед на неговата верска, етничка или било каква припадност се сега блиски до младите. Како социјална држава се грижиме за маргинализирани групи млади, за да имаат иста стартна позиција во општество , против поделби, злоупотреба на младите, против говор на омраза, рече Михаиловски.
Михаилоски истакна дека СДММ како дел од СДСМ постојано е активно вклучена во креирање на мерки и политики кои имаат за цел да го подобрат животот на младите и да им обезбедат можности за напредок и развој во својата татковина.
– Наша цел е да ја намалиме младинската невработеност под 17% до 2024 година. СДММ активно работи на политики за младите кои се преточуваат во програмите на СДСМ, како што е последниот пример со Агенда млади 2024, за која ние младите заедно ги креиравме политиките, ги дадовме барањата, кои сега се преточени во програмата на владата. Меѓу нив се финансиската поддршка за млади за отворање сопствен бизнис до 5.000 евра и повратот на персоналниот данок за вработени млади до 29 години, нагласи Михаилоски.
Тој се осврна на новините што се воведуваат со новиот Статут на СДСМ, со кои младите добиваат право на глас во ИО и во структурите на СДСМ, што досега не беше случај, што овозможува младината да се подигне на повисоко ниво, да се вгради целосно во структурата на СДСМ.
– Одговорност е да се биде претседател на Младината на најголемата политичка партија во земјата, а само со посветена работа, искреност и со личен пример може да се работи за интерес на граѓаните, истакна претседателот на СДММ Марко Михаилоски.