Вршителката на должноста претседател на Косово и спикерка на косовското Собрание, Вјоса Османи вели дека „признавањето на вината, барањето извинување и спроведувањето на правдата” од страна на Србија за злосторствата во војната во Косово, се „предуслови за стабилност, добрососедство и опстоен мир” меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Пораката на Османи, објавена на нејзината страница на Фејсбук, претставува реакција на веста дека деновиве во Србија беше откриена масовна гробница со посмртни остатнки на цивили Албанци, убиени во Косово во 1998-99 година и на одолговлекувањето со ексхумацијата од страна на властите во Белград.
Османи апелира до политичките фактори во Косово, пред се до пратениците во Собранието, да придонесат во барањето правда за цивилните жртви од последната војна, за убиените и исчезнатите и за нивните семејства.
– Повеќе од 13 илјади цивили се убиени од Србија во последната војна во Косово. (…) Како избрани претставници на граѓаните имаме пред се човечка и хумана обврска да го кренеме гласот за жртвите и нивните семејства. Секој ден, на секое место и пред секоја страна. Бидејќи вистината на Косово е вистина на болката, жртвата, загубата на најмилите, вистината на мјаките кои ги загубија децата, на децата кои останаа без родители, на семејствата кои го видоа ужасот, напиша Османи.
Во напуштен рудник во Крижевак, во областа Рашка во југозападна Србија, пред пет дена беше откриена гробница со посмртни останки, за кои се верува дека им припаѓаат на косовски Албанци убиени во војната.
Косовската претседателка напоменува дека досега во неколку масовни гробници во Србија се откриени посмртни останки на цивили, „од кои повеќето жени (вклучително бремени жени) и деца (…), убиени на најмизерен начин само затоа што беа Албанци”. Меѓутоа, нагласува таа, и натаму останува нерасветлена судбината на над 1.600 исчезнати цивили Албанци.
Одолговлекувањето со ексхумацијата во Крижевак, која треба да ја одобри Вишиот суд во Белград, според Османи, претставува обид да се продолжи со прикривањето на воените злосторства извршени од српската држава.
– Србија настојува да одолговлекува со ексхумацијата, затоа што сака да ги прикрие злосторствата. Криењето на факти е злосторство само по себе, затоа секое доцнење во тој план претставува двојно злосторство. Геноцидните дејствија на Србија во Косово се уште немаат добиено одговор. Признавањето на вината, барањето извинување и спроведувањето на правдата се трите предуслови за стабилност, добрососедство и опстоен мир, порача Османи.