Републиканците од сојузната држава Мичигeн, кои синоќа се сретнаа со претседателот Доналд Трамп во Белата куќа, изјавија дека немаат информација што би можела да го промени резултатот од претседателските избори во државата и дека тие ќе се придржуваат до „нормалната” изборна процедура, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Мичиген е една од државите во кои адвокатите на Трамп поднесоа тужби за оспорување на победата на Бајден.
– Немам инфомација која може да го промени исходот од изборите во Мичиген, изјави синоќа Мајк Ширки, лидер на републиканското мнозинство во Сенатот на државата Мичиген.
Тој и Ли Чатфилд, спикер на Претставничкиот дом во оваа држава, предупредија дека сите сомнежи за фалсификат на изборите ќе бидат детално истражени.
Според некои американски медиуми, откако тимот на Трамп се соочи со серија судски порази тие сега се обидуваат да ги убедат законодавците републиканци во повеќе сојузни држави да го прогласат Трамп за победник на изборите.
Ширки и Чатфилд изјавија дека го повикале претседателот Трамп да му овозможи на Мичиген поголема финансиска помош за борба со пандемијата на Ковид-19.