Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци заедно со увидна екипа од ОВР Кавадарци изврши увид на самото место каде вчера околу 17.00 часот се случи сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице. На регионалниот пат Кавадарци, кај градските гробишта, се случила сообраќајна незгода помеѓу трактор Урсус со приколка, управуван од 24 – годишен жител од Кавадарци, патничко возило Голф, управувано од жител на село Дабниште, кавадаречко на возраст од 51 година и патничко возило Опел вектра, управувано од 46-годишен кавадарчанец. Според првичните сознанија, до незгодата дошло при обид на возачот на Голфот да го престигне тракторот со приколка.
На местото на незгодата од тешките повреди починало едно лице (54) – сопатник во патничкото возило Голф. Четири лица со телесни повреди се пренесени во здравствени установи за натамошно укажување лекарска помош и лекување. Во насока на расчистување на причините за сообраќајната несреќа, јавниот обвинител издаде наредби за обезбедување и прибирање на траги од самото место, како и за сообраќајно – техничко вештачење.