Треба да развиваме појасни и посилни инфраструктурни проекти со Бугарија, дел од ова е и Коридорот 8, ако зборуваме за патната инфраструктура, источниот крак од Скопје до границата со Бугарија чини околу 100 милиони евра, што значи ние даваме енергија и придонес за развој на односите со Бугарија. Практично го рехабилитираме постоечкиот пат, го средуваме експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка, кој ќе биде исто така дел од целиот проект. Значи инвестираме 100 милиони евра во патиштата. Некаде се јавуваат проблеми со експропријација, имаме понекогаш застој, во моментов се откажа една од компаниите изведувачи, па сега преговараме за друга компанија, но ние не сме се откажале никогаш од патната комуникација со Бугарија.
Ова синоќа го изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во централниот дневник на телевизија Сител, кој се осврна на значењето на патната инфраструктура кон источниот сосед, а со тоа и подобрување на политичките односи помеѓу двете држави.
Министерот Бочварски се задржа и на железничката пруга кон Бугарија, која со децении е само проект и додаде оти сега конечно тргнуваат подготовките за капитална инвестиција.
– Имаме владина одлука да ги споиме делниците од Куманово до Бељаковце, а потоа и до Крива Паланка. Во првиот квартал од 2021 година ќе избереме изведувач за првите две фази, а потоа и за третата фаза од проектот. Ни требаат сериозни компании кои ќе бидат одговорни затоа што само железничката пруга би чинела 600 милиони евра, рече Бочварски.