Вие бевте еден од ретките наши политичари кои уште пред три години изјавивте дека Македонија нема да добие датум. За жал тоа и се оствари. На што го темелевте ова ваше тврдење од 2017 година?
– Моето тврдење, кое за жал се оствари, го темелев на два столба. Првиот е бројните информации кои ги добивав и ги добивам од Брисел, а второто е проценката на капацитетот за реформи на Владата на Заев. Ќе ги објаснам двата столба. Во однос на првиот, не би зборувал многу за себе, но не е тајна дека имам добри контакти и доста пријатели во Брисел и во бројни европски главни градови, пред сѐ стекнати низ години работа и комуникација со нив. Она од што сум изненаден е тесноградоста која ја покажа Владата. Имено, ниту еднаш не ме повикаа да прашаат за совет за искуство или барем како ете секогаш ја имам правилната информација. Јас бев и сум подготвен сите контакти да ги ставам на располагање на државата. Без разлика на партиска определба, целта е иста, Македонија да напредува. Но, наместо тоа, добив јавни напади и потценувања како јас, така и ВМРО-ДПМНЕ. Без желба за комуникација. Гледате како арогантно одбиваат лидерска средба да се разговара за заедничка позиција кон Бугарија или за влада за национален спас. Вториот столб е мојата проценка за капацитетот на Владата на Заев за реформи, кој според мене е речиси нула. Нема желба за борба со организиран криминал и корупција, ниту пак за суштински реформи на јавната администрација и безбедносните служби, како три основни барања на ЕУ. Напротив. Заев мислеше дека со трикови и без испорака на резултати ќе стигне до почеток на преговори само затоа што некој ќе му даде милост или награда. Тоа не се случи. Напротив удри во ѕид. Блокадата која сега доаѓа од Бугарија е само последица на три години назадување на Македонија со Заев. Верувајте, нема европски државник кој ќе дозволи на иста маса да седи со корумпиран човек. Бугарија само вешто ги искористи неуспесите на Заев. Кога видоа дека не доби датум за преговори ни јуни 2018, ниту пак јуни 2019, ни октомври истата година заради недоволно ниво на реформи, решија и тие да покажат мускули пред сѐ за домашна предизборна употреба. И за жал Македонија сега е заглавена и со оваа власт нема да се одглави.
Референдумското прашање беше промена на име за членство во НАТО и ЕУ. Членка на НАТО станавме, но не и на ЕУ. Како опозиција планирате ли каква било ревизија на резултатите од референдумот, на сомневањата за поткуп на ваши пратеници, на начинот на кој се изврши промената на името?
– Референдумот беше неуспешен. И покрај тоа Заев реши на сила и спротивно на волјата на граѓаните да го промени уставното име. Клучното прашање е дали Македонија четири години подоцна е поубаво место за живеење и дали напредува? Одговорот, за жал е – не. Секојдневни порази и понижувања. И затоа се потребни промени.
Какви промени? Ревизија на референдумот и последиците од него?
-Референдумот е неуспешен. И затоа не може да има последици затоа што не беше успешен. Тоа беше израз на волјата на народот кој јасно беше против и со своето останување дома јасно искажа став. Сѐ што се случуваше потоа е спротивно на волјата на народот.
Сите овие прашања, сериозни одлуки на оваа Влада, промена на име, Договорот со Бугарија, откажувањето на Македонија од македонското национално малцинство… бараат една државна стратегија, бараат усогласеност на власта и опозицијата… Да бевте вие на власт ќе го баравте ова, или ќе го барате кога ќе дојдете на власт?
– Да ја потсетам јавноста. Лично предупредував на штетата која може да се случи со потпишувањето на штетните договори. Уште во 2019 година апелирав дека заради овие договори Македонија во иднина може да се соочи со блокада од соседите, да прифатите комисија за историја да решава за иднината на државата е политички аматеризам и неприфатливо. На Балканот каде што отсекогаш имаме нерешени историски прашања, да прифатите дека комисија за историја помеѓу две држави ќе треба да усогласи заеднички став за клучни историски личности, личности врз кои се создава македонската држава е нешто со што може само штета да направите на сопствената држава. Во април побарав заеднички став и изработка на стратешки документ кој ќе е обврзувачки за сите фактори во државата и ќе се користи како одговор на уцените од Република Бугарија. Наместо тоа, СДСМ се обиде да релативизира и да ја игнорира опозицијата. Сите овие погрешни политики за кои ние апелиравме ја донесоа Македонија во ќорсокак и сега имаме сериозен проблем во евроинтеграциите на државава, нешто што е од интерес за сите граѓани. Ако ВМРО-ДПМНЕ сега ја водеше владата, ќе имаше еден отворен и искрен дијалог со опозицијата и ќе правеше сѐ да изгради национална стратегија, заедничка позиција и да ги искористи најдобрите умови без разлика од која партија се, затоа што така прават паметните и успешни држави.
Сепак, кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт, не побаравте совет, согласност, на пример за проектот Скопје 2014?
-Не би споредувал градежен проект дури и од толкави размери со национално прашање број еден. Едноставно нема споредба. Па само видете како се закопува власта во жива песок. Самиот Пендаровски вели дека претседателот на Бугарија Радев успеал да ги обедини сите политички сили во Бугарија и изградиле заедничка национална позиција и власт и опозиција. Самиот Пендаровски со ова признание покажува колку е неспособен, затоа што вистинското прашање е – зошто Пендаровски по примерот на својот колега Радев не успеа исто така да организира лидерска средба и сите политички сили во Македонија да изградат заедничка позиција? Зошто постојано ги одбиваат барањата на ВМРО-ДПМНЕ за средба на која ќе се изгради заедничка македонска национална позиција?
Што натаму? Како би го решиле вие проблемот со Бугарија?
– Силна дипломатија, реформи внатре во државата и искрен однос со јасно исцртани национални позиции подржани од сите, може да ја придвижат ситуацијата на подобро од ова што го имаме во моментов од Зоран Заев. Исто така потребно е многу да се испорача дома. Верувајте, многу повеќе притисок ќе има врз Бугарија кога Македонија ќе е средена држава со функционален систем на владеење на правото. Тоа го нема и затоа Бугарија е релаксирана да прави што сака. Потребна е и стратегија за претставување на Македонија во државите членки на ЕУ со силна промоција и лобирање. Тоа мора да се прави. Ние сме мала држава и мора да имаме агресивна промоција во државите членки на ЕУ и да соработуваме со фондации, институции, организации кои ќе лобираат за Македонија. Сето ова заедно може многу да ја поправи ситуацијата во која е Македонија. Колку има волја за ова, тоа е друго прашање. За жал ја нема кај Заев и Владата.
За вас решение е формирање на широка или експертска влада. Верувате во ова?
-Нашиот предлог е Влада за национален спас. Таа Влада би била составена од експерти и поддржана од сите политички партии. Би имала мандат да се справи со здравствената и економска криза предизвикани од короната, како и изнаоѓање патишта за почеток на преговори со ЕУ како и одбрана на македонскиот национален идентитет, историја и јазик од нападите на Бугарија. Ова е можеби најголема криза со која се соочува Македонија од својата самостојност до денес. Вакви кризи се решаваат со таков тип на Влада. Никако со неспособни и компромитирани политичари како Заев и неговиот тим. Сѐ уште се надевам дека ќе надвладее разумот и дека оваа наша идеја ќе биде поддржана. Тоа е излезот за Макеодонија.
Рековте власта немаше желба за комуникација и за време на подготовките за преговори. Сериозни несогласувања имате со власта и во однос на тоа како тие се справуваат со пандемијата. Ви побараа ли некогаш каква било помош, совет, човек…?
-За жал не. Ни од мене лично, ни од партијата ВМРО-ДПМНЕ. Напротив, ние цело време бараме да се обединат политичките сили со цел да ја извадиме Македонија од оваа криза.
Што станува со партијата? Има разни групации внатре кои бараат вонреден конгрес, оставка на претседателот, реорганизација…
-ВМРО-ДПМНЕ е демократска партија, со измените на статутот далеку најдемократски организирана партија споредено со сите други. Секој кој сака конструктивно да искаже став, мислење, критика со цел ВМРО-ДПМНЕ и Македонија да напредуваат е добредојден. Вратите се широко отворени. Но, мора да сме искрени дека има и такви кои не постапуваат на тој начин. Почитувам сечие мислење и позиција, прашањето е само дали е чесно на овој начин да се однесуваат кон ВМРО-ДПМНЕ, партија од која добиле сѐ, партија во која се надевам се зачлениле за идеали. Јас мислам дека дел луѓе не се однесуваат чесно кон партијата, но како и многу пати досега со многу други ВМРО-ДПМНЕ ќе преживее, ќе биде посилно и ќе победи, а таквите ќе одат во заборав.
После 30 дена за нова кризна состојба ќе мора да се изјасни Собранието, ќе гласате ли тогаш за, или за вонредна?
-На власта на Заев и Филипче ѝ се случува целосна катастрофа, нема менаџмент, туку сѐ е стихија. Македонија за жал има бројки на заразени и починати кои се огромни и далеку над сите предвидувања на Заев и Филипче. Многу семејства се завиени во црно, а исто така многу се во паника и страв. Овој систем на неработа, аматеризам и гол популизам чини човечки животи. Треба да се консултираат најдобрите експерти во Македонија. Такви има државата. А не да се носат политички одлуки. Сѐ што гледаме се политички одлуки. Нашиот предлог за кој поднесовме и закон во Собранието е да се формира комисија од најстручните луѓе во државата која ќе ја води битката со короната. Сите да ја поддржиме и тие на стручна основа да ги носат одлуките. Тоа што ќе каже комисијата тоа да биде нешто што сите ќе го почитуваат, а не да се носат политички одлуки по желба на Заев и Филипче и нивниот ПР. Да не заборавиме, Филипче пред короната важеше за најнеспособен и најкорумпиран министер. Толку лош што дури и за Заев беше лош, па реши да не го кандидира за носител на листа на изборите.
До кога ќе се препукувате со СДСМ на едно недолично ниво како сега, со таков јазик?
– Поларизацијата во Македонија е огромна. За тоа нема само еден виновник. На општеството му треба релаксација. Начините се бројни, но прв што треба да подаде рака е власта. Ние сме отворени за дијалог секогаш доколку е во интерес на државата. Во таа насока се и нашите предлози за заедничка национална позиција кон уцените од Бугарија како и влада за национален спас. Тие два чекори можат да бидат добри први чекори кон релаксација и деполаризација, нешто што мнозинството граѓани сакаат да го видат. Ние сме отворени. Останува и на другите да соберат сила и да се надминат себе и своите тесни интереси.
Хиперпродукцијата на дневни партиски соопштенија и секојдневни конференции за медиуми едноставно го намалува значењето на пораката која сакате да ја пратите. Се согласувате со ова?
-Има толку многу криминал и погрешни потези што власта на Заев ги прави, што тешко е да се презентираат сите пред јавноста. Нема институција од најниско до највисоко во која нема криминал или злоупотреби. Македонија скапува во криминал и корупција. Ние сето ова се обидуваме да го презентираме пред јавноста. Тоа изгледа како хиперпродукција, но немаме друг начин како да ги претставиме овие работи. Секако, секогаш постои простор за подобрување и отворени сме за сите луѓе кои имаат визија и концепт како да настапиме во јавност и ги повикувам да ни се приклучат.
Се најавува можно коалицирање на ВМРО-ДПМНЕ со Алијанса за Албанците и Алтернатива. Како ќе ги надминете несогласувањата на ставовите на партиите за Законот за двојазичност, за Преспанскиот договор…?
-Периодов почнуваме интензивна комуникација со Алијансата за Албанците и Алтернатива. Тоа што е особено значајно е дека првите чекори се направени во организација и соработка со најголемата германска фондација Конрад Аденауер. Ние сме различни политички партии што претставуваат различно гласачко тело, секако имаме различни погледи за доста прашања, но една точка околу која што имаме исти погледи и ставови е борбата со организираниот криминал и корупција. Криминал и корупција има и во Гевгелија и во Тетово и во Струмица и во Гостивар и во Скопје. Таа ги мачи и Македонците и Албанците и Турците и Србите и Ромите и сите кои живеат во Македонија. Тоа е предизвик број еден. Првите чекори на соработка се во насока на платформа која ќе одговори на овие предизвици. Убеден сум дека ќе имаме плодна и искрена соработка и по однос на сите други прашања затоа што промени во Македонија се потребни ден поскоро, час поскоро.