Уште денеска граѓаните може да се пријавуват за предвидените едукативни видео презентации на темите Монетарна политика, Финансиска стабилност и Платен систем и платежни услуги, што ќе ги организира Народната банка во рамки на 4. Денови на финансиска писменост.
Заинтересираните граѓани треба да го најават своето присуство преку порака на е-адресата edukacija@nbrm.mk или на официјалните страници на Народната банка на социјалните мрежи „Фејсбук”, „Твитер” и „Инстаграм”. Притоа, секој граѓанин треба да наведе за која презентација/тема најавува присуство.
Деновите на финансиска писменост ќе се одржуваат од 24 до 26 ноември 2020. Целта на оваа акција, според Народната банка, е да се зајакне финансиската едукација, да се поттикне финансиската инклузија и да зголемат свесноста и заштитата на потрошувачите на финансиски услуги.
Презентацијата за Монетарна политика ќе биде на 24 ноември, за Финансиска стабилност на 25 ноември, а за Платен систем и платежни услуги на 26 ноември, а сите ќе бидат на интернет и ќе почнуваат во 14 часот.
Како што соопшти Народната банка, презентациите ќе бидат наменети за граѓаните со основно и понапредно ниво на знаења, односно ќе ги опфатат како основните, така и подеталните аспекти од наведените области. По секоја презентација е предвидена можност за прашања и дискусија со стручните лица од Народната банка.