Ракометарите на македонскиот претставник во Лига Европа, Еурофарм Пелистер утре (20.45 ч.) ќе му гостуваат на бундеслигашот Рајн Некар Левен, еден од фаворитите за освојување на ова второ по ранг клупско меѓународно натпреаврување. Битолчани веќе пристигнаа во Манхајм и вечерва ќе тренираат пред утрешниот натпревар од 4. коло во групата од ЛЕ. Свесни за квалитетот на противникот, тренерот на битолчани, хрватскиот ракометен стратег Жељко Бабиќ пред заминувањето за Германија не криеше дека се радува што неговиот тим ќе игра против РНЛ, бидејќи им се потребни мечеви со силни противници за да можат да напредуваат како тим.
-Поради коронавирусот не бевме во можност максилано да се подготвувавме. Не ме загрижува падот во играта во вториот дел од натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Тоа е нормално. Игравме добро во првиот дел, водевме, но потоа физички не издржавме да го одиграме целиот натпреавр во ист ритам. Не тренирањето поради коронавирусот оставија трага. Што се однесува до натпреварот во Германија, Рајн Некар Левен е фаворит, силна екипа и лидер во Бундеслигата. Но, јас се радувам на натпреварот. Важно ни е да играме. Немаме натпревари, не трениравме и нам сè ни е добро, без разлика што Рајн Некар Левен е силен тим. Се надевам дека ќе одиграме како и секогаш цврста одбрана – вели Бабиќ, тренерот на Пелистер.
И Гоце Ојлески го сподели мислењето на тренерот Бабиќ дека РНЛ е голем фаворит, но поради тоа тие како тим треба да бидат опуштени и да одиграат без притисок бидејќи немаат што да загубат.
-Секако дека коронавирусот остави трага. Не е лесно да си надвор од тренажен процес десетина дена. Видовме како тоа се одрази на натпреварот против Кадетен Шафхаузен. Атмосферата не се наруши, продолживме да тренираме. Рајн Некар Левен е фаворит во групата. Не е лесно да се игра против нив, посебно на гостински терен. Нема што да загубиме, одиме да играме европски ракомет и можеме само да добиеме и да се во играме за следните натпревари кои ни следуваат, порача Ојлески.