Десет штитеници и двајца вработени во Домот за стари Куманово позитивни на коронавирус

Десет корисници на услугите на Кумановскиот дом за стари лица се позитивни на коронавирус, како и двајца вработени, соопштија денеска надлежните од установата. Оваа бројка произлегла од извршеното тестирање кое било иницирано од надлежните од домот „Зафир Сајто“ а го спровеле екипи на Центарот за јавно здравје Куманово. Во тестирањето биле опфатени 36 лица од кои 30 корисници и шест вработени.

– И покрај сите преземени ригорозни мерки за заштита и спречување на ширење на коронавирус во Домот за стари лица, мислевме дека ќе го сопреме продорот на вирусот во установата, за жал, по извршеното тестирање во петокот и по добиените резултати следниот ден констатирано е дека има 10 позитивни корисници на коронавирус и двајца вработени. Во оваа бројка на тестирани имаше јадро од дваесетина лица, наши корисници кои претходните денови покажаа симптоми слични на сезонски грип. Причина поради која извршивме тестирање е што во последниве две недели имаше изолирани случаи на заболени вработени, изјави директорот на Домот за стари лица, Дејан Стојановски

Тој вели дека во соработка со Општата болница Куманово веднаш е договорено на корисниците да им се извршат дополнителни анализи, да им се земе крв и да се утврди третманот и терапијата на заболените. Матичните лекари ќе препишат соодветна терапија која ќе ја пружаат и сестрите вработени во домот.

– Во овој момент преземени се сите мерки. И претходно овие лица беа изолирани. Во минатото ние имавме изолиран одел кој се користеше за време на сезонски грип. Размислуваме уште едно одделение да адаптираме и да пренамениме за изолација. Се надеваме дека ќе го спречиме понатамошното ширење на вирусот, рече Стојановски.

За состојбата информирано е надлежното Министерство за труд и социјална политика. Во првиот бран, во Домот за стари лица имаше само една корисничка која беше заболена откако претходно поради друга здравствена состојба  се лекуваше во кумановската болница и само двајца вработени.

Во домот услугите ги користат 135 корисници.

Треба да знаете
Последни објави