Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, преку видео конференциска врска, денес се обрати на промоцијата на публикацијата „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок”, изработена од еминентни експерти од земјата, а со поддршка од канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт во Скопје.
Станува збор за сеопфатна публикација во која се содржани анализи и препораки за забрзан и одржлив економски развој, фискалната и монетарната политика, пазарот на трудот и социјалната заштита, како и за подобро образование и развој на науката.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека голем дел од наодите и од препораките во оваа публикација се совпаѓаат со приоритетите и фокусот на политиките на Владата во овој мандат.
„Еден од приоритетите е поголема интегрираност на нашата економија во меѓународните економски текови преку креирање на интензивен дијалог и соработка помеѓу приватниот и јавниот сектор, наместо класичниот „top-down” или „bottom up” пристап, креираме хоризонтален пристап кој подразбира инклузивност на сите чинители, како и отворен дијалог за важните државни прашања. Ова започнавме да го спроведуваме во пракса: при носењето на економските мерки водиме редовна консултација со сите чинители, имаме редовни состаноци со „Платформата за јавно приватен дијалог”, која беше иницирана од четирите најголеми стопански комори. Веќе сме пред крајот на креирање на платформата „За татковината со љубов” која треба да на едно место да ги обедини сите оние кои можат да придонесат за растот и развојот на земјава, првично од економски аспект, а секако понатаму и во сите сфери на општественото живеење”, посочи вицепремиерот Битиќи
Битиќи се осврна на дел од публикацијата и посочи дека особено го радува што во оваа публикација наместо за невработеност, авторите зборуваат за стапка на вработеност.
„Кога би зборувале за вработеност би добиле пореална слика за тоа какви се движењата на пазарот на трудот во земјава. Најјасна слика за пазарот на трудот и достапноста на работната сила, ќе добиеме по спроведувањето на пописот на населението на пролет 2021 година”, посочи Битиќи.
Вицепремиерот нагласи дека во владата активно се водат разговори за измени на даночниот систем, пара-фискалните давачки другите трошоци на компаниите, со цел да се намали сивата економија во земјата.
„Борбата со сивата економија ќе продолжи и понатаму да биде приоритет, ова го покажавме со начинот на моделирање и спроведување на антикризните мерки од третиот и четвртиот пакет, со кои ги поддржавме граѓаните и компаниите кои се дел од системот, а за сите оние кои се надвор од истиот работиме на механизми за да ги вклучиме. Кризата ги покажа јасно предизвиците со кои е соочуваме години наназад, но исто така не става во позиција на соочување со проблемите кон нивно конечно решавање. Јас овој предизвик го прифаќам и сум подготвен заедно со сите засегнати заедно да работиме кон креирање на услови за намалување на сивата економија и спречување на корупцијата на сите нивоа и во приватниот и во јавниот сектор”, подвлече Битиќи.
Успешноста, може да се воочи само доколку имаме успешен систем со кој ќе го измериме учинокот или перформансот од Владините политики, кажа вицепремиерот.
„Затоа на ниво на Влада ќе биде креирана Централна единица за мерење на ефективноста и ефикасноста на политиките кои ги носиме, за да можеме успешно да креираме клима која ги дава најдобрите резултати со најефикасните инпути”, посочи Битиќи.
Теми кои се опфатени и анализирани во публикацијата „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок”, ни даваат преглед каде ја гледаме нашата земја во годините кои доаѓаат.
„Државата треба да креира услови, да изгради пат по кој ќе може да одат мнозинството од сите чинители на општеството. Токму тоа ќе го правиме со Националниот развоен план со кој ќе креираме долгорочна стратегија за развој, а во чие креирање ќе бидат поканети да учествуваат експерти од различни теми, независно од политичката, верската, национална или било која друга припадност”, нагласи вицепремиерот Битиќи.
Во публикацијата „Големата слика: македонската економија на среден и долг рок”, се дадени препораки за повеќе области, важни за економскиот развој, а главните цели кои треба да се постигнат е побрза конвергенција кон ЕУ, фер распределба на доходот и намалување на сиромаштијата и зајакнување на капацитетите на Владата и државните органи.