Предлогот за дополнување на Деловникот за работа на Собранието, по сратена постапка, што предвидува вклучување на далечина на пратеници со Ковид-19 и во самоизолација во работата на Параламентот и работните тела, е ставен на дневен ред на седницата што првиот човек на законодавниот дом Талат Џафери ја закажа за в четврток, 26 ноември.
Сепак, не се знае кога можноста за онлајн вклучување на пратениците ќе стане реалност имајќи предвид дека за да се донесе Предлогот на мнозинството му требаат 61 пратеник што во моментов ги нема поради отсуството на неколкумина пратеници од здравствени причини, дел поради Ковид.
Од друга страна опозициските партии предводени од ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса на Албанците и Алтернатива се противат на какво било онлајн работење на Собранието посочувајќи дека на таков начин владејачкото мнозинство сака да го прикрие тенкото мнозинство од само 62 пратеници и оти со тоа ќе се прекрши член од Уставот. Владејачките парламентарни партии сметаат дека треба да им се овозможи на пратениците да работат од дома само кога за тоа пратеникот ќе има решение од соодветна задравствена институција, а во предлогот се пропишани и начинот на повикување на пратеникот и изјаснување. Дотолку повеќе што колку без доволен број пратеници, владејачкото мнозинство не може да носи закони за коишто смета дека се потребни за спреоведување на мерките за ковид-кризата а за кои нема секогаш поддршка од опозицијата. Исто така е важно да се потецира и дека утре почнува и комисиската расправа за Буџетот за 2021 година.
Претпладнево во Собранието се одржува редовниот координативен состанок на пратеничките групи со претседателот Талат Џафери, после кој би можело да се знае дали, сепак, опозицијата се премислила или владејачкото мнозинство ќе чека момент кога во салата ќе има доволен број пратеници за да ги донесе дополнувањата на Деловникот.
Со дополнувањата се предвидува во член 30 од постојниот Деловник по ставот 1 да додадат два нови става – 2 и 3, кои се однесуваат на здравствената состојба и како треба пратеникот да постапи.
„Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието претставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и одлучува од далечина. Пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието”.
Во ваков случај, се предлага претседателот на Собранието да ги извести сите пратениците. Исто така Претседателот на Собранието ќе биде должен во евидентниот лист да го запишува пратеникот кој учествува и одлучува на седница од далечина, но и со решението за свикување седница до пратениците да достави известување за пратеникот кој на седницата ќе учествува и ќе одлучува од далечина. Тој ќе мора да пред да ја свика седницата да одржи координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.
„При постоење на случај од членот 30 став (2) од овој деловник претседателот на Собранието пред да ја свика седницата одржува координација со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи. На координацијата се повикуваат и претседателот на матичното работно тело и претседателот на Законодавно – правната комисија заради утврдување на потребата од одржување на седница на работното тело на која пратеникот ќе учествува и одлучува од далечина. Координацијата се одржува најдоцна еден ден пред денот на свикувањето на седницата на Собранието.”
За присутни пратеници на седницата, се предлага да се сметаат и пратениците кои известиле дека на седницата ќе учествуваат и одлучуваат со употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија.
„Јавното гласање на пратениците кои учествуваат и одлучуваат на седницата од далечина се врши со изјаснување по повикот на претседателот на Собранието со ‘за’, ‘против’ или ‘воздржан’ за прашањето за кое одлучува Собранието”.
Се предлага во записникот задолжително да се внесуваат пратениците кога на седницата на Собранието учествувале и одлучувале од далечина.
Собранието, како што се предвидува, на пратеникот ќе мора да му овозможи употреба на безбедна информациско-комуникациска технологија за учество и одлучување на седница на Собрание од далечина.
„За учество и одлучување на седница од далечина се употребува безбедна информациско-комуникациска технологија која овозможува пренос и снимање на слика и звук или само на звук со квалитет од кој со сигурност може да се утврди идентитетот на пратеникот кој на седницата учествува надвор од Собранието”, се предвидува со предлогот.
За сѐ што не е уредено со одредбите од овој предлогот-деловник се применуваат одредбите од Деловникот на Собранието на Република Македонија.