Поглаварот на Албанската православна црква, Јанулатос, ја доби битката со Ковид-19

Поглаварот на Албанската автоќефална православна црква, архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија, Анастас Јанулатос ја доби битката со коронаврусот, јави албанската агенција Балкан веб.

-По 12 дена минати во клиника во Атина, поглаварот Јанулатос денеска треба да ја напушти болницата. Ќе остане во неговиот дом во изолација почитувајќи ги дадените препораки. Тој имаше лесна форма на болеста, наведува агенцијата.

Веста дека е заразен со опасниот вирус беше објавена на 11 ноември. Поради неговата возраст и некои хронични здравствени проблеми и прележаниот срцев удар во јуни годинава, Јанулатос со грчки воен санитарен авион Ц130 беше префлен во клиника во Атина за специјален третман.

Анастас Јанулатос (91) по потекло е од Грција, во Албанија дојде по падот на комунистичкиот режим а во 1992 година беше проглаен за поглавар на ААЦ.

По 25 години престој во Албанија и покрај доставените барања, на крајот од декември 2017 година конечно доби албанско државјанство. Указот за државјанството го потпиша шефот на државата Илир Мета.

Се уште на лекување од Ковид-19, во Италија е првиот човек на албанската католичка црква,тиранскиот бискуп и тиранско – драчки епарх, воедно и Претседател на епископската конференција на Албанија, монсињор Џорџ Ентони Френдо(74).

Треба да знаете
Последни објави