Група средношколци од скопската гимназија „Орце Николов” денеска на министерката за образование и наука Мила Царовска ѝ презентираа целосно нов концепт за тоа како тие го замислуваат реформираното средно гимназиско образование.
– Станува збор за документ изготвен од тим ученици како дел од проектот „Имам став”, во организација на Парламентарниот институт при Собранието на Република Северна Македонија, соопшти Министерство за образование и наука.
Министерката Царовска на состанокот рече дека во процесот на создавањето на новиот концепт на средното образование добредојдени се сите иницијативи и идеи од учениците, наставниците и родителите, бидејќи новиот модел на образование треба да ги научи учениците критички да размислуваат и да носат одлуки врз основа на анализа и факти.
– Го менуваме образованието на подобро, а нашите клучни партнери се учениците, наставниците и родителите. Сите заеднички ќе работиме на создавање на најдобриот модел кој што ќе го имплементираме, рече Царовска.
Како што информира МОН, концептот што го нудат средношколците предвидува задолжителни и изборни предмети, дигитализација на евиденцијата за отсуства и темелни промени во начинот на евалуација на знаењето на учениците.