Пулмологот Саша Срича смета дека најновите построги мерки за спречување на ширење на коронавирусот во Хрватска биле донесени со добра намера, но предоцна и изрази стравување дека т.н. локдаун е единственото решение.
– Стравувам дека локдаун е единственото решение што ни преостанува, изјави Срича за загрепската Н1 телевизија.
Тојсмета дека досега преземените мерки за спречување на ширење на вирусот се козметички.
– Ова се мерки од козметичка природа и нема да можат да ги запрат бројките, рече Срича, кој работи во болницата Дубрава, и појасни дека во моментот во болницата доаѓаат повеќе пациенти отколку што се испишуваат.
– Се обидуваме. Пациентите кои лежат поради ковид не можат да бидат испишани пред десеттиот ден. Многу пациенти развиваат разни компликации, клиничката слика е доста бизарна, рече Срича
Тој очекува дека и шаторите наскоро би можеле да започнат да се полнат.
– Ќе има доволно шатори, но прашањето е дали ќе има доволно персонал, рече тој, истакнувајќи дека здравствениот систем е во алармантна, ако не и критична фаза.