Српската премиерка Ана Брнабиќ денеска изјави дека Србија сака да биде дел од Европската унија и дека нема план Б. На онлајн самитот „Белградски економски форум”, Брнабиќ повтори дека стратешкиот приоритет на Србија и клучен фокус на надворешната политика останува членството во ЕУ и посочи дека процесот на европска интеграција е подеднакво важен и за регионот и за Србија.
Таа истакна дека сите земји во регионот прават напори да го забрзаат процесот.
Брнабиќ повтори дека процесот на европска интеграција е подеднакво важен и за регионот, како и за самата Европска унија.
– Не мислам дека ЕУ како таква може да продолжи без Западен Балкан да се интегрира во Унијата, рече Брнабиќ.
Таа му се заблагодари на комесарот Оливер Вархеи за лидерството и за „туркањето” на процесот на проширување во рамките на Европската комисија и охрабрувањето на забрзувањето на реформите и приближувањето кон ЕУ што е можно поскоро.
– Знаеме каде сакаме да бидеме, знаеме дека сакаме да бидеме во ЕУ. Нема опција Б за Србија. Ние сакаме да бидеме дел од ЕУ, бидејќи тоа е во наш интерес и затоа што го споделуваме системот на вредности на ЕУ, рече Брнабиќ.
Како што рече таа, без оглед на внатрешните одлуки на ЕУ или земјите-членки во однос на брзината на пристапувањето, Србија е решена да продолжи по „европскиот пат”.