Белорусија ќе стави на црната листа голем број високи функционери од Европската Унија и некои европски нации, рече министерот за надворешни работи, Владимир Макеј, пренесува ТАСС.
„Ако нè повредат, ако ни воведат санкција, ќе мора соодветно да одговориме. Знаете дека ЕУ воведе дополнителни санкции за околу 15 лица. Ние исто така ќе ја прошириме листата за санкции и ќе вклучиме високи функционери од ЕУ и од голем број европски држави“, рече тој во интервју за телевизискиот канал „Белорусија-1“.
Макеј потсети дека противниците на белоруските власти, кои претходно повикуваа само на поостри лични санкции против белоруските власти, сега инсистираат на засилување на економските санкции против земјата.
„Според мене, повиците за економски санкции изразени од белоруската опозиција не се само глупава работа, тие се голема закана за државноста на Белорусија. Ако некој мисли дека така ќе направи добро, во заблуда е. Нормално, ќе разговараме со нашите западни партнери за ова прашање“, рече тој.
„Ако некој сака пожар во овој регион, Минск ќе најде начин да одговори. И во овој случај, ќе биде жешко и околу Белорусија“, нагласи Макеј.
Макеј вети дека неговата земја никогаш нема да иницира никакви деструктивни чекори против своите партнери.
„Ние се залагаме за логиката на соработка, никогаш нема да бидеме иницијатор за какви било деструктивни активности против нашите партнери“, нагласи тој.