Македонската кошаркарска репрезентација замина за Талин каде ја чекаат два квалификациски меча од групата за пласман на ЕП-2021, кои ќе се играат во т.н. „балонот“ поради пандемијата од коронавирусот, против домашната селекција на Естонија и Италија. Патешествието кошаркарите го почнаа со автобус до Софија, а оттаму преку Франкфурт, ќе треба да долетаат во Талин.
Во македонската експедиција која замина од Скопје се најде и младиот 22 годишен кошаркар Леонид Тодоровски кој добива шанса да дебитира во дресот на сениорската репрезентација на Македонија. Центарот на МЗТ Скопје Уни Банка беше дел од младинските селекции на Македонија.
-За мене ова е исклучително важен момент во кариерата. Искрено, очекувам да ја победиме Естонија, и тоа со повеќе од десет поени разлика. Ќе се потрудам доколку добијам шанса, максимално да ја оправдам довербата на селекторот. Подготвен сум за овој нов предизвик во мојата кариера. Полека се навикнуваме на барањата кои со себе ги носи играњето на едно вакво репрезентативно ниво. Сите сме тука со една цел – да победуваме. Се надевам дека така ќе биде и во Талин, порача пред заминувањето младиот центар Тодоровски.