Нивото на атмосферски јаглерод диоксид продолжи да расте оваа година и покрај очекуваниот пад по „затворањата” во земјите поради Ковид-19, соопшти денеска Светската метеоролошка организација (СМО).
Многу научници оваа година очекуваа најголем годишен пад на емисиите на јаглерод со генерации, бидејќи поради мерките за контрола на коронавирусот, авионите беа приземјени, бродовите беа во пристаништата, а патниците во своите домови.
Меѓутоа, СМО го опиша предвидениот пад за 2020 година како „мало отстапување” и рече дека резултирачкото влијание врз концентрацијата на јаглерод диоксид што придонесува за глобалното затоплување нема да биде поголемо од вообичаените годишни флуктуации.
„… На краток рок, влијанието на затворањето како резултат на Ковид-19 не може да се разликува од природната варијабилност”, се наведува во Билтенот на СМО за емисиите на стакленички гасови.
Годишниот извештај објавен од агенцијата на ООН со седиште во Женева ја мери атмосферската концентрација на гасови – јаглерод диоксид, метан и азотен оксид – кои ја загреваат нашата планета и предизвикуваат екстремни временски услови.
Нивото на јаглерод диоксид, производ на согорување на фосилни горива што најмногу придонесува за глобалното затоплување, достигна нов рекорд од 410,5 делови на милион во 2019 година.
Годишниот раст е поголем од претходната година и го надминува просекот во последната деценија.
„Ваква стапка на раст сè уште не е видена во историјата на нашите мерења”, рече генералниот секретар на СМО, професор Петери Талас, осврнувајќи се на зголемувањето од 2015 година и повикувајќи на „одржливо усогласување на кривата (на емисии)”.
Глобалните податоци сè уште не се достапни за 2020 година, соопшти СМО.
Како и другите научни организации, СМО соопшти дека очекува глобалните емисии на јаглерод да опаднат оваа година поради мерките против Ковид-19, коишто прелиминарно се проценуваа на 4,2-7,5 проценти.
Таквиот пад не би довел до пад на атмосферскиот јаглерод диоксид, но привремено би ја забавил стапката на раст на скалата што припаѓа на нормалните варијации, се вели во извештајот на СМО.