Албанскиот претседател Илир Мета и неговата сопруга Моника Круемади, лидерка на опозициското Движење за социјалистичка интеграција, казнети се со парична казна поради непочитување на забраната за групирање на повеќе од 10 лица.
Тие присуствувале на роденденската забава на познатиот албански актер Бес Калаку(35) организрана во угостителски објект во селото Лакна, општина Колоња. Казнет е и градоначалникот на Колоња, Ерион Исаи, кој присуствувал на забавата, како и останатите триесеттина лица, кои биле на забавата.
Присутните се казнети со по 80 евра додека сопственикот на угостителскиот објект со милион леки или над 8.100 евра.
Ова не е прв случај Круемади да добие казна за непочитување на мерките за спречување на ширење на пандемијата. Претходно на двапати беше казнета за неносење маска на отворен простор, со 25 односно 40 евра.
Инаку, роденденот на актерот скапо ги чинело и шестмина полициски службеници кои се суспендирани поради тоа што не влегле во ресторанот за да контролираат. Сите казни се изречени врз основа на снимки.