Лидерот на ДУИ Али Ахмети кажа дека се разменети понуди и документи со Бугарија за кои смета дека не е време да ги сподели со јавноста, како и дека треба да се почека реакцијата од Софија, во синоќешното гостување во емисијата „Клик плус“ на телевизија 21.
-Мислам дека не е време да споделувам со јавноста за понудите или последните документи кои се разменети. Ќе почекаме да ја видиме реакцијата од Бугарија – изјави Ахмети, истакнувајќи надеж дека до крајот на годинава ќе има добри вести од Софија.
Тој додаде дека министерот за надворешни работи Бујар Османи интензивно работи за надминување на спорот.
-Османи е доста активен, очекувам да има резултат. Многу важен момент е за да демонстрира пред сите граѓани, особено пред нашите сожители Македонци, дека ги делиме доброто и лошото, дека ќе стоиме рамо до рамо заедно, и во решавање на овој спор. Ова е клучен историски момент да се види дека оваа земја има министер за надворешни работи и за работата што ја сработи и за зрелоста, му честитам, рече меѓудругото Ахмети.