Откако по долгото целодневно патешествие од Скопје преку Софија каде стигнаа со автобус, па одтаму со авион преку Франкфурт продолжија до Талин, каде ќе ги играат двата квалифиакциски натпревари од групата Г за ЕП-2022, пристигна убава вест за љубителите на кошарката од македонската експедиција. Во македонскиот кошаркарски тим на задолжителното тестирање за коронавирусот нема позитивни. Ова значи дека селекторот Александар Тодоров за дуелот в сабота против Италија и два дена подоцна против домаќинот Естонија, ќе ги има на располагање сите игрчи кои ги поведе во Талин.
-Ќе има само еден тренинг денеска. Закажан е за 17.15 часот во салата „Саку Сурхал“ каде од 28. до 30. ноември ќе се играат натпреварите за пласман на ЕП 2022 година. Инаку, за време на престојот во естонската престолнина, нашата најдобра селекција ќе одработи најмалку осум тренинга. Планирани се уште два, но тие се водат како незадолжителни. Согласно со распоредот на тренинзи на Тодоров, само на 26.ноември (четврток) ќе се тренира два пати. Ден порано, односно ден подоцна, постои можност, тоа да биде повторено, во зависност од потребата за тоа. Тренинзи се планирани и на денот на одигрување на средбите со Италија, односно Естонија. На 28. ноември (сабота) Македонија ќе тренира од 10.часот (од 15.30 часот ќе се игра мечот со селекцијата на Италија), додека пак на 30. ноември (понеделник), нашите кошаркари ќе тренираат од 12.часот.“ – потврдија од КФСМ.