Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска на владина седница ќе побара од нејзините колеги од другите ресори за седум дена да достават мислења за драфт верзијата на измените на Законот за работни односи, што се однесуваат на предлогот недела да биде неработен ден.
Шахпаска во одговор на новинарско прашање, не соопшти прецизно какви биле сугестиите на МТСП во кои сектори или дејности недела да биде неработен ден, туку кажа дека главната измена е во Законот за работни односи во членот 134 каде што се дефинира дека недела е неработен ден доколку со друг закон или колективен договор поинаку не е решено, а другите министерства треба да ги направат измените во нивните материјални закони и да ги преточат во решенија понатаму.
Шахпаска појаснува дека на пример Министерството за економија има најголем дел закони кои се однесуваат на регулирање на материјата.
-Пред се, говорам за угостителство, за трговија, за туризам…Тоа се области кои се предмет во регулирање во Министерството за економија. Дополнително, Министерството за транспорт и врски ги регулира областите во делот на јавниот превоз кој функционира и во недела, околу тоа колкав ќе биде опфатот дали сите ќе работат, непрекинато како во обичен работен ден…МИОА регулира некои области. Како МТСП и врз основа на анализата ценевме и сфативме дека медиумите не се регулирани… И оттука во овој системски закон сме дале некои насоки како треба да се движи дефинирањето на овој закон. Морам да истакнам дека после носењето на овој закон сакаме да има разумен период, неопходен, за да и останатите министерства ги прилагодат своите материјални закони со ова решение, изјави Шахпаска по денешната прес-конференција за буџетот на МТСП.
Во текот на подготовката на оваа драфт верзија на законот МТСП имало меѓусекторски и меѓуресорски консултации, а според неа, ставот во делот на тоа кои дејности и кои области во општественото живеење би биле изземени со овој закон треба заеднички да се изгради.
И покрај тоа што недела би била неработен ден треба да се обезбеди непречено функционирање на витално важните функции на државата, односно 24-часовна покриеност на оние дејности кои им се неопходни на државата како: здравство, полиција, противпожарните служби, комуналните служби кои се под ингеренции на општините и останати.
-Значи, останува повратна инфоормација од министерствата кои имаат простор уште една седмица да ја видат оваа драфт верзија, да ги испратат нивните сугестии. Ние веќе почнавме да добиваме сугестии. Кога ќе биде готова конечната верзија, нашата намера е да биде објавена на ЕНЕР да ја слушнеме уште еднаш реакцијата на јавноста, на стопанските комори, синдикати, работници и така натаму, рече Шахпаска.