,,Проект Куќа,, произлезе од проектот ,,Топол дом за сите,, кој моето здружение Проект Среќа го започна во декември 2019 година. Во тој период за таа намена снимивме и новогодишна песна , и отворивме донациски броеви, чија намена беше да се донира за изградба на домови, и песната што повеќе да се врти. За жал медиумите немаа желба да ја пуштаат песната,па проектот беше неуспешен. Идејата беше да се реновираат или изградат од ново домови, каде живеат семејства со деца, во многу тешки услови, и без основни услови за живот. Кога го започнавме проектот немавме никаква идеја дека ќе го снимаме. Во текот на припремата, и барањето спонзори и донатори со големи срца, кои би се вклучиле, и заеднички би изградиле среќа за многу деца, сфативме дека одзивот на компаниите би бил многу поголем кога тие за возврат би добиле реклама за тоа. Си рековме, ако тоа значи дека на тој начин ќе изградиме многу поголем број домови, тогаш во ред, се сложуваме да снимаме емисија. Со помош на пријатели, волонтери, добри луѓе, општествено одговорни компании, ја снимивме оваа прва пилот емисија, односно првата куќа која ја направивме. Ја започнавме во февруари 2020 а завршивме 12 март 2020.
Во оваа куќа живеат Ајнур Симоновски, самохран татко на 5 дечиња. Како изгледаше домот пред и потоа, ќе можете да видите и самите. Дали ова емисија ќе продолжи да постои, зависи од тоа дали нашите телевизии ќе сакаат вакво нешто во својата програма. Овој проект го ставивме на пауза, бидејќи на денот кога ја завршивме куќата, СЗО програси пандемија на Ковид 19-Корона вирус, и моравме да запреме привремено.
Ние имаме желба и воља, и капацитет, да создадеме среќа за многу деца, а знаеме и дека можеме, благодарение на сите ВАС. И наскоро ќе продолжиме. Благодарение на генералните спонзори во градењето на оваа куќа, Сенатор Казина, и хотелот Paint It Black, луѓето со големи срца и мои големи пријатели, и нивната константна поддршка, овој проект тргна и сите вие можете да го видите. Овој концепт на телевизиски емисии е веќе познат, и многу популарен, а јас како голем фан на вакви емисии, знам дека луѓето во Македонија едвај чекаа да видат дека некој и во нашата земја може и сака да го направи ова за нашите луѓе. Сите кои учествуваа и придонесоа можете да ги прочитате на одјавната шпица.
Имам многу благодарам:
Агенцијата New Moment и Благојче кои ја сработија перфектно монтажата, Мартин Трпчевски -Мартин 99 кој цело време беше со мене и тоа нема никогаш да му го заборавам, Александар Ристовски Принц, Продукција Лесански, Калиопи Трпчевска за најдобрата најавна шпица, Јас и Дарко Тасев ја сработивме музиката, и главниот кој цело време ја надгледуваше работата на мајсторите Марјан Мацко од Сенатор, моите девојки од Проект Среќа, Благица Ристов и Бојана Мандевска кои секогаш се тука за се што треба…БЛАГОДАРАМ!
Целиот процес траеше 1 месец, нешто снимивме, нешто не, бевме многу лимитирани со техника, заради непостоечкиот буџет за снимање, но и покрај тоа сметам дека како за прва епизода, извадивме максимум од она кое имавме на располагање. Јас незнам како се снајдов како водител, никогаш во живот не сум помислувала дека еден ден ќе го правам ова.Тоа ќе оставам вие да кажете. А многу уживав! А и не е важно каква сум јас, важно е да создадеме среќа и да изградиме услови за нормален живот на што повеќе деца.
Со снимање би продолжиле на пролет, домовите се веќе одбрани, и се низ целата земја, донатори имаме најмногу за внатрешно уредување, додека најтешко ни е да најдеме мајстори, компании за фасади и кровни конструкции. Очекувам дека и тоа ќе го најдеме и компаниите полека ќе се вклучуваат.
Ова е тешко време за сите нас, но знам дека сплотени можеме да направиме многу, и со тоа , да ни биде полесно на сите.
Благодарна до бескрај,
Кристина Арнаудова
автор, водител и продуцент на ,,Проект Куќа,,