ИЈЗ: За 1,8 отсто зголемен бројот на заразени од Ковид-19, за 18,6 отсто зголемен бројот на починати

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје за периодот од 16 до 22 ноември тестирани се вкупно 19.664 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 6,3 отсто во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 7.486 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со незначително зголемување во однос на минатата недела од 1,8 отсто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.255; 43,5 отсто), со неделна инциденца – 535,1/100.000. Во наведениот период, процентот на позитивни од тестирани лица изнесува 38 отсто.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.818, 24,3 отсто). Голем број заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 40 до 49 години (n=1.496; 20 отсто), од 30 до 39 години (n=1.474; 19,7 отсто), од 50 до 59 (n=1.348; 18 отсто) и од 20 до 29 (n=978; 13,1 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=85; 1,6 отсто) и од 10 до 19 години (n=287; 3,8 отсто).
Во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 3.866 (51,6 отсто) лица од машки и 3.620 (48,4 отсто) лица од женски пол.
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, како оздравени се водат 5.099 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, што е за 44,7 отсто повеќе споредено со минатата недела.
Во наведениот период пријавени се 204 смртни случаи од 24 града, зголемување од 18,6 отсто во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 155 лица биле над 60 години, 26 лица на возраст од 50 до 59 години, 18 смртни случаи се пријавени од возрасната група од 40 до 49 години и пет случаи во возрасната група од 30 до 39 години. Од смртните случаи, епидемиолошки се истражени 128 или 62,7 отсто.
Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 16 до 22 ноември, како и кумулативната состојба се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.
Треба да знаете
Последни објави