Предлог буџетот е огромен, нереален и неразвоен. Овој буџет е строго партиски, истакна Никола Мицевски, координатор на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието.
Според него, буџетот покажува дека СДСМ не планира да ја помага економијата, не планира да го помогне реалниот сектор и граѓаните, не планира и не знае како да се справи со катастрофалните последици од Ковид-кризата, но затоа, многу добро знае како да се задолжи уште повеќе врз грбот на граѓаните.
„СДСМ и со овој буџет повторно ги намалува и онака малите средства за капитални проекти. Тие за наредната година предвидуваат 10 милиони помалку за капитални проекти. Чувството и фактот што го имаме сите граѓани на Република Македонија дека за време на владеењето на СДСМ никогаш и ништо не се гради, а парите ги нема, очигледно ќе продолжи и во наредната година. Во услови на криза, СДСМ реши да крати и да удри и по грбот на земјоделците. Тие предвидуваат намалување на средствата во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Токму СДСМ на земјоделците им ветуваше мед и млеко, а сега гледаме дека и нив ги изигра и излажа“, рече Мицевски.
Тој вели дека во буџетот нема пари за помош на фирмите, за помош на земјоделците, за опремување на медицинските лица во справуавње со Ковид-19, а истиот содржи непродуктивни расходи.
„Расходите за плати во 2021 година се за 20 милиони евра или 4,1% повисоки од оние за 2020 година. Иако министерот најави дека нема да има зголемување на платите во јавниот сектор. Повторно лага. Исто така, расходите за стоки и услуги растат за фантастични 3,5 милијарди денари или 18% во однос на претходната година. Во услови на криза, раст на овие расходи буквално значи расфрлање со парите на граѓаните за непотребни работи на сметка на оние на кои им се далеку попотребни“, рече Мицевски.
Тој нагласи дека досега СДСМ потрошила многу пари, а не направила ништо.
„Потрошија три буџети досега, а не изградија ништо. Го нема Клинички центар во Скопје, ги нема ниту автопатите кои што ги ветија“, заклучи Мицевски.