Францускиот фудбалски интернационалец Николас Пепе од редовите на Арсенал е мета на критики од англиските навивачи откако поради непромислен потег на натпреварот против Лидс јунајтед го остави тимот на цедило да игра со играч помлку речиси цело второ полувреме. Пепе не можеше да го издржи констатниот притисок кој му го создаваше македонскиот репрезентативец Езџијан Алиоски како верна сенка, па го удри со глава.
Играчот на Арсенал оправдано беше исклучен, па покрај тоа што доби критики на негова адреса и маше и закани од навивачите од Лондон. Најскапиот играч во историјата на англискиот премиерлигаш Арсенал сега почувствува потреба да се огласи преку социјалните мрежи, но иако им се извини на навивачите и на сите во клубот, заборави тоа да го направи и кон Алиоски кој беше удрен.
– Вчера ги оставив на цедило моите соиграчи во клучен момент од мечот и нема изговори за моето однесување. Длабоко жалам и сакам да им се извинам на навивачите, соиграчите, тренерот и сите останати во клубот – порача Пепе.