Руската вакцина за коронавирус „Спутник V“ на меѓународниот пазар ќе чини помалку од 20 долари по лице и ќе биде бесплатна за руските граѓани, објавено е на официјалниот профил на „Твитер“, посветен на тој руски лек.
Вакцината ќе се прима во два наврата, а секој ќе чини помалку од 10 долари.
Објавувањето на цената доаѓа во време кога Русија се обидува да го забрза производството и дистрибуцијата на својот лек.
Кирил Дмитриев, шеф на рускиот фонд РДИФ, рече дека Москва и нејзините странски партнери може да произведат повеќе од милијарда дози вакцини следната година, што е доволно за 500 милиони луѓе.
Објавената цена е поевтина од вакцината на „Фајзер“ и „БиоЕнТек“, кои чинат 15,5 евра по доза, но поскапа од онаа на „АстраЗенека“, која ќе чини околу 2,5 евра по вакцинација.
Дмитриев за „Ројтерс“ изјави дека Москва имала за цел да ја намали цената за да ја направи вакцината достапна за што повеќе луѓе ширум светот.
Тој додаде дека новите клинички податоци, засновани на 39 потврдени случаи и 18.794 пациенти, покажуваат дека „Спутник V“, вакцина што треба да се прими двапати, била 91,4 проценти ефективна на 28 дена и 95 проценти на 42 дена.
Руското Министерство за здравство ја регистрираше вакцината на почетокот на август, а руските медиуми објавија дека добиле апликации за набавка од повеќе од 20 земји.
Производството е договорено во пет земји.
Некои западни научници ја критикуваа Москва за наводно намалување на некои стандарди при тестирањето, со цел вакцината да биде готова што побрзо. Русија го отфрли ова и ги обвинува западните земји за валкана кампања за одвраќање на луѓето во, како што ја нарекуваат, новонастанатата борба на пазарот за лекови.