Новиот извештај за сексуалните навики и свесноста кај данските млади ја вознемири медицинската заедница во земјата. Експертите се загрижени затоа што многу дански млади имаат незаштитен секс без да знаат за ризиците, пренесува „Спутник“.
Во време кога преваленцата на сексуално преносливи болести е во пораст, разбирањето на младите за тоа како работат и се шират болестите е мало, откри студијата на Данската асоцијација за планирање на семејство.
Истражувајќи 950 средношколци на возраст од 17-20 години, здружението заклучи дека постои голема несигурност околу обичните контрацептиви и од што тие всушност штитат.
На пример, 24 отсто од испитаните млади веруваат дека пилулата штити и од СПБ, како што се кламидија и гонореја, додека други 6 отсто не биле сигурни. На прашањето за интраутерината спирала, 20 отсто верувале дека обезбедува заштита и од СПБ, додека 27 отсто не биле сигурни.
Голем дел од младите не знаат дали дигафрагмата (58 отсто) или денталните фолии (44 отсто) штитат од СПБ.
Лене Ставнгард, национален шеф на Данската асоцијација за планирање на семејство, претпоставува дека овие опасни недоразбирања изобилуваат во Данска поради младите кои ги шират и овековечуваат митовите.
„Кога општините, училиштата и другите субјекти не преземаат одговорност за сексуалното здравје и сексуалното образование на младите, а многу млади не чувствуваат дека можат да разговараат со своите родители на такви теми, тогаш одат кај своите пријатели за совет“, вели Ставнгард.
„Но, проблемот е во тоа што нивните пријатели знаат помалку од нив и затоа гледаме дека митовите за сексот и за контрацепцијата се живи меѓу младите“.
Ова може да објасни зошто Данска во последните децении бележи алармантен скок на сексуално проносливи болести. Од 2000 година, данските случаи на кламидија се зголемија повеќе од двојно, додека случаите на гонореја се зголемени за над 1.000 отсто. Слични трендови се забележани кај соседните нордиски народи.