Десетици компании – од стартап до фармацевтски гиганти се натпреваруваат за производство на безбедна и ефективна вакцина против коронавирусот за да одговорат на итниот здравствен аларм, но и добро да заработат.
Позитивните резултати од последните испитувања на неколку кандидати за вакцини предизвикаа надеж дека сè уште има светло на крајот од тунелот, во однос на пандемијата која во 2020 го погоди светот. Поради компликации од коронавирусот досега починаа 1,4 милиони луѓе.
До средината на ноември, Светската здравствена организација (СЗО) идентификуваше 48 потенцијални вакцини кои се во фаза на тестирање на луѓе. Ова е голема промена од јуни кога имаше само 11 истражувања.
Единаесет потенцијални вакцини се во последната, трета фаза на тестирање, во која ефикасноста на вакцината се тестира на поголем примерок на луѓе, претежно десетици илјади луѓе од повеќе континенти.
Европскиот проект предводен од „Оксфорд“ и „АстраЗенека“ во понеделникот објави дека ефективноста на нивната вакцина е во просек 70 проценти. Вакцината е тестирана на 23.000 лица.
Кога доброволците примиле две високи дози, вакцината била ефикасна 62 проценти, но ефективноста се искачила на 90 проценти кога прво примиле мала доза од вакцината, а потоа голема.
Производителите нагласија дека вакцината може да се транспортира и чува на температура од обичен ладилник најмалку половина година и најавија планови за развој на до три милијарди дози на вакцината во 2021 година, доколку се надминат преостанатите регулаторни бариери.
Најавата дојде откако американско-германскиот проект на „Фајзер“ и „БиоЕнТек“ на почетокот на ноември соопшти дека ефективноста на нивната вакцина е 90 проценти и дека нема штетни и несакани ефекти кај илјадници доброволци.
Оттогаш тие објавија нови резултати од тестовите кои покажуваат дека вакцината делува во 95 проценти од случаите.
„Перформансите беа конзистентни во сите возрасни, полови, расни и етнички демографски групи“, велат од компанијата.
„Фајзер“ во моментов бара итно одобрување од американскиот регулатор ФДА за употреба на вакцината и очекува да произведе 1,3 милијарди дози од вакцината до крајот на следната година.
И американската биотехнолошка компанија „Модерна“ месецов објави дека нејзината вакцина е скоро 95 проценти ефикасна.
„Модерна“ планира да поднесе апликација за итно одобрување вакцината во САД и ширум светот во следните неколку недели. Очекува да испорача околу 20 милиони дози на вакцина во САД до крајот на годината.
Тие велат дека можат да произведат помеѓу 500 милиони и милијарда дози вакцини во 2021 година.
Дополнително, се смета дека неколку државни кинески лаборатории произведуваат ветувачки вакцини.
Во меѓувреме, Русија веќе регистрираше две вакцини против Ковид-19, дури и пред крајот на клиничките испитувања.